За сите оние кои станале вегетаријанци, мислејќи дека ќе живејат подолго ако се откажат од месото, едно истражување направено од Универзитетот во Сиднеј носи лоши вести вегетаријанството не е поврзано со намалувањето на ризикот од прерана смрт.

Австралијанските истражувачи ги следеле навиките на речиси четврт милион луѓе на возраст од 45 години и постари, во периодот од шест години. Во извештајот, објавен во списанието Preventive Medicine, наведено е дека немало позначајни разлики во веројатноста на смртноста меѓу оние кои практикуваат комплетен, полукомплетен (месо еднаш неделно) или “pesco” (базиран на риба) вегетријански начин на исхрана од оние кои редовно јадат месо. Истражувачите ги зеле во обзир и останатите фактори, како што се: годините, консумирањето алкохол и цигари, висок крвен притисок, дијабетес тип два и болести на срцето. Веганите, исто така, се категоризираат како вегетаријанци.

Истражувањето утврдило дека вегетаријанците немаат обичај претерано да пушат и пијат или да бидат дебели, како и дека кај нив се помали шансите да заболат од рак или болести на срцето.

– Важно е да се напомене дека вестите не се толку лоши за вегетаријанците, бидејќи тие во суштина имаат многу поздрав стил на живот од невегетаријанците – наведува ко-авторката на студијата, доктор Сима Михршахл, виш научник соработник на Универзитетот во Сиднеј.

Тоа го потврдуваат и некои поранешни студии. Истражувачите од Оксфордскиот универзитет уште во 2013 година објавиле извештај во кој е утврдено дека ризикот од хоспитализација или смрт при срцева болест за 32% е помал кај вегетаријанците.

Се повеќе луѓе во светот истакнуваат дека се вегетаријанци од различни причини, како што е поради доброто на животните и намалување на негативното влијание на човештвото врз животната средина. А, вегетаријанството, исто така, станува видлив тренд во рестораните, кафулињата и супермаркетите.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина