trudnica_1

Од 12-тата недела на бременоста на бремените жени им се препорачуваат умерени физички активности со кои тие полесно би го поднеле и породувањето.

Доколку не постојат здравствени проблеми кои би можеле да влијаат на бременоста, доколку грлото на матката е цврсто затворено и нема контракции, вежбањето за време на бременоста е дозволено. Жената може да вежба во текот на целата бременост, но да избегнува активности кои вклучуваат скокање се додека плацентата цврсто не се прицврсти на ѕидот на матката. Бидејќи првиот триместар е најчувствителниот период, експертите на бремените жени им сугерираат со вежбањето да започнат после 12-тата недела од бременоста.

Експертите советуваат дека програмата за вежбање на бремени жени мора да вклучува вежби за зголемување на мобилноста на колковите, подобрување на циркулацијата на нозете и рацете, зголемување на капацитетот на белите дробови, зајакнување на стомачните и карличните мускули, за да се спречат и намалат проблемите кои се јавуваат за време на бременоста и по породувањето, како и самото породување да биде што е можно повеќе ефикасно. Посебните програми како што се јогата за бремени жени, пилатесот за бремени жени и кај нас помалку познатата- Александар техника, во голема мера ги содржат и овие вежби.

Вежбите, според нив, дури и се препорачуваат за бремени жени, со цел да се подигне нивото на општата кондиција. Физичката кондиција е важна и по породувањето, за што побрзо закрепнување на мајката.

Статистички е докажано дека умерената физичка активност од 2 до 3 пати неделно, од 30 до 45 минути, оволно делува на трудницата и нејзиното бебе во текот на бременоста, го скратува времетраењето на породувањето и го забрзува опоравувањето на жените.

Најдобро би било жената да го слуша своето тело и да ги следи сигналите за тоа дали и колку треба да вежба. Од четвртиот месец па се до крајот на бременоста, не смее да се вежба во лежечка позиција подолго од пет минути поради притисокот на матката на големите крвни садови, што може да предизвика колапс. Трудниците можат да вежбаат до самото пораѓање доколку добро се чувствуваат.

 Вежбите се прилагодуваат на периодите на бременоста, така што не се прават истите вежби во вториот и третиот триместар. Како што наближува терминот на породувањето, акцентот се става на зајакнување на мускулите кои се користат во фазата на напнување, односно. раѓањето на бебето.

Доколку, пак, жената не се движи во текот на бременоста и не се занимава со било каква физичка активност, тешко ќе ја поднесе бременоста и породувањето за неа ќе биде голем физички напор.

ВЕЖБИ КОИ СЕ ЗАБРАНУВААТ

– Кревање тегови

– Спортови во кои се доаѓа до контакт

– Скокање во вода

-Боречки вештини

– Екстремни спортови

– Трчање

– Велосипедизам

– Аеробик

– Вежбање на справи

Активностите за трудници содржат вежби за:

– Зголемување на мобилноста на колковите

– Подобра циркулација на нозете и рацете

– Зголемување на капацитетот на белите дробови

– Зајакнување на стомачните мускули

– Зајакнување на карличните мускули

ЕФЕКТИ ОД ВЕЖБАЊЕТО

– Поволно дејствува на бремената жена и нејзиното бебе во текот на бременоста

– Го намалува времетраењето на породувањето и го забрзува опоравувањето на жените

– Ја забрзува циркулацијата на крвта

– Дишењето е активно

– Го зголемува нивото на самодоверба, жената се чувствува подготвена за породување

ВЕЖБАЊЕ ПОД НАДЗОР НА ЕКСПЕРТИ

Несоодветното вежбање може да ја загрози бременоста и да доведе до сериозни последици. Аеробните активности, џогирањето, возењето велосипед, аеробикот, вежбите на справи- можат да доведат до застој во развојот на плодот бидејќи со нивно практикување се трошат големи количини на кислород. Овие се активности кои треба да се избегнуваат или да се практикуваат под надзор на стручни лица обучени за работа со бремени жени. Неправилното изведување на вежбите за стомачни мускули може да доведат до појава на контракции или влошување на постоечките дијастази.