Одамна се знае дека водата од рози и розите генерално се најстарите и најефикасни средства за нега на убавината и зачувување на здравјето. Но, скапоцените креми, долготрајните третмани на козметичар со неизвесен исход и часови поминати пред огледало нема да ги спречат брчките на вашето лице. Сепак, тоа не значи дека треба да се предадете, бидејќи според најновите истражувања, лекот за опуштена кожа, на која се забележуваат траги од стареење, се наоѓа во одделни намирници, како што е на пример лососот, мисиркиното месо и тофу сирењето.

Исто како што одделни животни навики, како пушењето и консумирањето алкохол влијаат на стареењето, така постојат и одредени намирници кои можат да послужат како ,,еликсир на младоста,, односно неминовно да го забават. Општо е познато дека кожата старее и се брчка како последица на намаленото производство на колаген, но наместо да се обидувате вештачки да го надоместите недостигот на колаген, дерматолозите и нутриционистите предлагаат да се храниме со намирници кои помагаат да се зачува колагенот или кои дури и го поттикнуваат неговото поголемо производство.

Тофу и соја
Во менопаузата, кај жените опаѓа нивото на хормонот естроген, што има директно влијание и на наглото опаѓање на производството на колаген. Истражувањата покажуваат дека дури 30% од колагенот во кожата се губи за време на првите пет години од менопаузата, поради што кожата кај жените старее буквално преку ноќ. Сојата и производите од соја содржат компоненти кои се нарекуваат фитоестрогени, кои имаат сличен ефект како и хормонот естроген, па со зголемено внесување на овие намирници ќе се спречи губењето на колагенот од кожата, а со самото тоа ќе се ублажат и брчките.

Лосос

Лососот и другите масни риби, како што се на пример харингата, сардината или скушата се нарекуваат уште и супер храна за кожата, поради тоа што содржат високо ниво на омега-3 масни киселини, кои помагаат кожата да остане мазна. Но, уште една причина зошто треба да се консумира лосос и слични видови риби е и тој што ги ублажува сите воспалителни процеси на кожата.
Мисиркино месо

Мисиркиното месо е одличен извор на протеини, кој е многу значаен во производството на колаген, но исто така содржи и видови протеини кои се викаат карнозин. Овој протеин помага да се забави процесот на спојување на влакната на колагенот, што го прави потврд, па кожата станува нееластична.

Спанаќ

Зеленчукот со зелена боја, како спанаќот, зелката и брокулата се богати со антиоксиданс кој се вика лутеин. Антиоксидансите имаат клучна улога во одржување на нивото на колаген, бидејќи помагаат да се неутрализираат слободните радикали, нестабилните хемиски соединенија, кои настануваат со нормално функционирање на телото, но и со надворешните влијанија, како што се УВ зрачењето и загадувањето. Ако се заштитиме од слободните радикали, го штитиме и колагенот.

Боровинки

Боровинките и другите бобинки се исклучително богати со витамин Ц, кој е од витално значење за поттикнување на производство на колагенот. Освен што лицето ќе стане посвежо, внесувањето овошје богато со витамин Ц ќе придонесе и за производство на антиоксидативните материи, кои поволно влијаат на кожата, која долго време ќе го задржи младешкиот изглед

Одбегнувајте шеќери

Како што постојат намирници кои помагаат да останеме млади, така постојат и такви кои дополнително го забрзуваат процесот на стареење. Главен непријател на мазната, затегната кожа е храната богата со скроб и шеќер. Шеќерот предизвикува инфламаторна реакција во колагенот, поради што влакната на колагенот се стврднуваат и физионираат, а кожата станува посува и поподложна на добивање длабоки брчки.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина