Ефикасноста на чичковото масло
Чичакот е познат по своето ефикасно делување врз здравјето на косата и скалпот, поради што се наоѓа во многу препарати за поттикнување на растот на косата. Освен што го спречува испаѓањето на косата, чичакот ја негува косата по целата должина и го спречува пукањето на врвовите. Покрај ефикасноста врз косата, чичковото масло поседува лековити својства и на кожата и и дава хидратација. Ова е особено важно за скалпот.
Чичковото масло се произведува од коренот на чичката, која докажано помага при состојби на опаѓање и тенчење на косата. Ова исклучително лековито растение ги содржи сите аминокиселини кои се потребни за градењето на протеините кои ја сочинуваат косата. Исто така, чичакот е богат со калциум, флавоноиди, железо, инулин, калиум и есенцијални масни киселини. Чичакот е познат и во древната медицина, каде се користел за враќање на рамнотежата на скалпот, за ублажување на иритацијата и за поттикнување на здравјето на косата. Покрај тоа што се користел при разни состојби на скалпот, тој се користел и за прочистување на крвта и за детоксикација на целиот организам. Денес, е се попознат по своето исклучително делување на здравјето на косата. Неговото масло и екстракт се користат во многу шампони и масла за коса.
Благодетите на чичковото масло за косата
-
Го поттикнува растот на косата
- Го смирува чешањето/иритацијата на скалпот
-
Го намалува опаѓањето на косата
-
Ја негува косата и дава сјај
-
Го спречува пукањето на врвовите
-
Го јакне коренот на косата
-
Го негува сувиот скалп
Спречува пукање на врвовите
Ова масло може да се користи како третман за врвовите и како дополнителна нега за сувата коса по миењето. Неколку капки масло протријте меѓу дланките и нанесете го на врвовите на косата. Внимавајте да не претерувате, бидејќи косата ќе изгледа премасна. По неколку нанесувања, ќе забележите како косата ви има повеќе сјај и ќе изгледа поздрава.
Третман за проблематичен скалп
За третман на скалпот потребно е малку да го загреете маслото кое ќе го нанесете на скалпот. Топлото масло треба неколку минути да се масира во скалпот, а потоа косата се чешла. Овој третман го смирува скалпот и ја намалува иритацијата. Одлично ќе делува и ако водите борба со сувиот перут.
Третман за раст и спречување на опаѓање на косата
За поттикнување на растот на косата потребно е долга масажа на скалпот со загреано масло. Препорачливо е да ја наведнете главата надолу, за да може дополнително да ја поттикнете циркулацијата. Масирајте го скалпот (посебно оние делови каде косата се има изретчено) 10 – 15 минути, а потоа маслото нанесете го на остатокот од косата и оставете го да делува во текот на ноќта. Наутро измијте ја косата, пожелно со шампон кој содржи екстракт од чичак или друго растение кое го поттикнува растот на косата за позасилено делување.
Чичковото масло одлично ги храни фоликулите на косата, кои всушност се најважни ако сакате да го поттикнете растот на млада коса. За засилено делување на чичковото масло, по миењето исплакнете ја косата и со силен чај од коприва, а потоа нормално исушете ја косата.


