Уште од дамнина, белиот слез важи за едно од најлековитите растенија на планетата. Древните терапевти го користеле за лекување на респираторни и дигестивни проблеми. Поради својата исклучителна лековитост, белиот слез со векови се користи во народната, но и во современата медицина и фармација. Во нашите краишта има и други имиња за белиот слез питом слез, голем слез… Поради лековитите својства што ги има, се користат неговиот корен, стебло, листови и цветови. Самото растение содржи слуз, која содржи многу корисни состојки. Со хидролиза од него се добиваат ксилоза, галактоза и гликоза.

Белиот слез се смета дека потекнува од источна Европа и од западна Азија, но поради своите лековити својства се одгледува ширум светот. Во својот состав содржи многу корисни состојки и супстанции: аспарагин, бетаин, растителни влакна, растителни масти, етерични масла, пектин, инвертен шеќер, сахароза, скроб, јагленохидрати и фосфати. Може да порасне и до 2 метри во висина. Стеблото може да биде разгрането, листовите му се меки и со сребреникаво – розеникава боја. Цвета од јуни до август, во текот на целото лето.

Коренот се вади во пролет или есен, по цветањето, добро се суши, се сече насреде, добро се чисти, а потоа се суши на температура од околу 40 *C. Може да се употребува само коренот.

Лековито дејство

Белиот слез пред се е познат како извонредно помошно средство во лекувањето на болести на дишните органи, како што се бронхитис, астма, воспаление на белите дробови и грлото, бидејќи ја раствора слузта и го поттикнува искашлувањето. Меѓутоа, исто така се користи и во појава на акни, алергии, болести на мочниот меур, гнојни чиреви, грчеви во желудникот, егзема, опстипација, инфекции на половите органи, кожата и очите. Коренот од бел слез го јакне имунитетот, го поттикнува излачувањето на вишокот вода од организмот, и ја ублажува несаницата. Пастата добиена од смелен корен од бел слез и врела вода е одличен облог во случај на кожни тегоби, како што е егзема, псоријаза, чиреви, исеченици и рани.

Употреба на белиот слез

Листовите, цветовите и коренот се сушат, па потреба да се потопуваат во студена или млака вода. И потоа таа течност се користи за пиење или за облози. Долготрајното варење му ја намалува лековитоста односно неговите лековити својства. Многу поволно делува на организмот како чај во комбинација со други лековити растенија (камилица, нане…)
Покрај употребата во фармацијата и медицината, белиот слез се користи дури и за правење разни слатки. Во лекувањето на децата, од белиот слез се подготвуваат чаеви или се подготвуваат капки за нос.

Сируп против кашлица

Во тенџере се ставаат два лимона исечени на коцки. Им се додаваат по две лажици жалфија, анасон, корен од бел слез и ленено семе и 200 грама шеќер. Потоа се се прелеваат со 2 дл. вода. Се вари околу 20 минути, се трга од шпоретот и се остава да се олади. Се процедува кога ќе се олади. На деца им се дава три пати дневно по една лажичка од овој сируп, додека на возрасните им се дава три пати дневно, по една лажица.

Кои несакани дејства можат да се јават при примена на бел слез?

Теоретски може да доведе до појава на хипогликемија (намалување на концентрацијата на шеќер во крвта).

Со кои лекови истовремено не треба да се применува белиот слез?

Слузта од белиот слез може теоретски да влијае на намалувањето на апсорпцијата на лековите кои се применуваат истовремено.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина