Циститис и сериозноста од ова заболување
На есен и на пролет поради честите осцилации на дневните температури и недоволното затоплување, мочниот меур многу често се воспалува. Кога ќе почне пецкањето и трчањето до тоалетот на секој десеттина минути, повеќе нема дилема дека се рабори за воспаление на мочниот меур или за циститис. Оваа здравствена тегоба, многу честа кај жените, претставува воспаление на слузокожата на мочниот меур. Типична е кај жените кои често се погодени од уринарни инфекции, а многу поретко се јавува кај мажите. Причината за тоа е што уринарниот канал преку кои влагуваат бактериите во уринарниот тракт кај жените е покус и поширок. Исто така, во близина се анусот и вагината, па жените се поподложни на настанок на инфекции. Студот и честите промени на температурата се погодни за настанок на уринарни инфекции. На есен, кога постојат големи осцилации во дневните температури, лесно доаѓа до пад на имунитетот, појава на настинки, па и на воспаление на мочниот меур. Типичните симптоми се зачестено мокрење, чувство на пецкање при мокрењето и болка во пределот на мочниот меур. Некогаш во урината може да има и траги од крв, што се нарекува хематурија. Ваквата појава секогаш бара дополнителни испитувања.
Зголемена температура кај циститисот, по правило, нема, но ако се јави тогаш тоа е знак за тревога. Скокот на температурата значи дека инфекцијата се проширила и на бубрезите. Тоа е сериозно заболување кое некогаш бара и хоспитализација.
Воспалението на мочниот меур најчесто го предизвикува бактеријата ешерихија коли, а некогаш можат да ја предизвикаат и бактериите кои се шират преку полов однос.
Во тој случај неопходно е во лекувањето да се вклучи и сексуалниот партнер. Соврмееното лекување подразбира антимикробни лекови, најчесто во еднократна доза, кое подеднакво ефикасна како и класичната терапија во времетраење од седум дена, но со значително помали несакани ефекти. Некритичната употреба на антибиотици, не само во нашата земја, доведе до развој на мултирезистентни видови. А, тоа стана сериозен проблем. Затоа треба да се биде посебно внимателен со употребата на антибиотиците.