Дрвото бор (лат. Pinus) е најраспространет четинар на нашите простори, а често се користи во народната медицина, бидејќи речиси сите негови делови имаат лековити својства. Така, неговите иглички се преполни со витамин Ц и каротен, неговата смола помага во лекувањето на ревматизам, додека пупките се ефикасни за грло. Напитоците од игличките од бор се препорачуваат за јакнење на организмот и имунитетот, но и за настинки. Се користат свежи, по можност веднаш по берењето, со цел да не се загубат лековитите својства кои ги имаат во себе.

Пупки од бор

Пупките на борот се неговите шишарки, кои се користат само свежи и млади, бидејќи со нивното понатамошно созревање стануваат дрвенести и ги губат сите свои лековити својства. Тие во себе содржат горчливи и ароматични супстанции, кои се користат за лекување воспаленија на грло, кашлица, бронхитис… Бањите од млади борови пупки се препорачуваат за болни од ревматизам и артритис.

Смола од бор

Боровата смола изобилува со горчливи материи и етерични масла кои ја содржат лековитата материја терпентин. Во народната медицина препаратите од борова смола се употребуваат за лекување на кожни болести. При нејзината употреба неопходно е да се внимава и точно придржување до пропишаните дози.

Кора од бор

Поради лековитите танински и флавонски материи, кората од борот се користи за санирање на отворени рани, поради тоа што брзо го сопира крварењето, а има и антисептично дејство. Треба да се користи кората од зрел бор, по можност од горниот дел од стеблото.

Чај за јакнење на организмот

Гранче од бор со дваесеттина иглички на него сварете го во ½ литар вода. Оставете да отстои половина час и процедете го. Пијте го топло и засладено.

Чај за инхалација

Во два литри вода ставете два – три грста борови иглички и варете пет минути. Отворете го капакот, држете го на тивок оган и инхалирајте се на него околу 15 минути. Повторувајте го ова почесто.

Сируп против кашлица и бронхитис

Прелијте 100 грама борови пупки со ½ литар врела вода и држете ги на топла рингла околу 2 часа. За тоа време ставете 200 грама шеќер во ½ литар вода и варете додека не добиете густ сируп. Процедете ги боровите пупки и додадете ги во сирупот. Земајте од оваа течност пред оброк, наутро и навечер по една лажица. Овој сируп лекува и најупорна кашлица.

Бања за реума

Два грста борова смола се става во еден литар вода, се остава половина час, а потоа се вари пет минути, се процедува и се додава во када со топла вода. Се стои во кадата додека водата не стане млака.

Тоник за зараснување на рани

Извадете кора од стебло на бор, смелете ги најситно што може. Додадете и топла, но не вриена вода, и мешајте додека да се раствори. Добиената течност треба да биде само малку погуста од обична вода. Капнете од неа на завој и ставете го на раната.

Чај за јакнење на имунитет

Чајот од борови иглички има пријатен мирис и вкус, а покрај тоа е добар и за јакнење на имунитетот. Одличен е и ефикасен и при проблеми со каменчиња во бубрезите и за жабуркање на воспалено грло. Овој чај го забрзува исфрлањето на вишокот вода од организмот, па така делува на регулирање на крвниот притисок. Еден грст борови иглички се варат во еден литар вода извесно време. Чајот треба да има црвеникава боја, а на површината може да се појават капки од етерично масло. Подготвениот чај се чува во фрижидер и се пие до три пати дневно. Не им се препорачува на бремените жени и на доилките.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина