Зголемена еластичност, зголемена сила, чувство на  мир и спокој….што уште? Во продолжение е извадок од статијата на Тимоти Мек Кал кој во 2002 година отпатувал во Индија во потрага по јога терапевтите. Често ќе слушнете дека кај јогата најтешката работа е всушност само да се одлучите да ја практикувате! Еве ви неколку причини за да се инспирирате и да започнете уште денес!

 

1. Еластичност

 

Поеластично тело е еден од првите и поочигледните предности од вежбањето јога. На првиот час јога најверојатно нема да можете ниту да ги допрете ножните прсти, а за друго и да не зборуваме. Но, доколку истраете, ќе забележите дека вежбањето станува се полесно, а со текот на времето ќе се најдете во навидум недостижни позиции. Напнатоста и болката едноставно ќе исчезнат. Ова не е случајно. На пример, цврстите квадрицепси го нарушуваат правилниот сооднос помеѓу натколеницата и потколеницата, со што се оптоваруваат колената. Тврдите мускули од задниот дел можат да го израмнат лумбалниот ‘рбет што доведува до болки во грбот.

 

2.Сила

 

Силните мускули не се само естетски убави. Тие не чуваат од артритис и болки во грбот. Постарите луѓе со поголема мускулна маса имаат помали ризици од паѓање. Доколку го зацврснете вашео тело преку практикување на јога, тоа истовремено ќе биде и поеластично. Доколку пак на пример одите во теретана и вежбате со тегови, вашето тело најверојатно ќе стане посилно, но за сметка на флексибилноста.

 

3.Правилно држење на телото

 

Главата е како топка за куглање – голема, тркалезна и тешка. Доколку се наоѓа над исправен ‘рбет, мускулите на вратот и грбот лесно ја држат. Доколку ја наведнете главата само неколку сентиметри нанапред, вие ги приморувате  мускулите да работат прекувремено. Па кој не би се уморил држејќи ја главата во ваква позиција по осум или дури дванаесет часа дневно? Исцрпеноста тука не е единствениот проблем. Лошото држење може да се одрази на мускулите и зглобовите грбот, вратот и рамениците. Доколку сте постојано подгрбавени, телото ќе ја порамни инаку природната крива на вратот и долниот дел на грбот, што може да предизвика болка и дегенеративен артритис на ‘рбетот.

 

5.Подвижност на зглобовите

 

Секогаш кога вежбате јога, ги водите зглобовите низ еден целосен опсег на движења. Така можете да ја спречите појавата на дегенеративен артритис или да ги ублажите болните состојби  кои настануваат преку поместувањето или “стегањето” на неактивните области на ‘рскавицата. Зглобната ‘рскавица е како сунѓер; хранливите материи ги прима само преку размена на течности – ги истиснува старите, за да прими нови хранливи материи. Без соодветна исхрана, запоставените делови на ‘рскавицата се уништуваат  и го отвораат патот до коските, кои ги заштитуваат.

 

5. Од витално значење за ‘рбетот

 

‘Рбетните дискови – амортизерите помеѓу пршлените кои можат да се продолжат и да ги притискаат нервите – плачат за движење. На тој начин единствено можат да дојдат до хранливи материи. Доколку вежбате балансирано, значи со доволно движења назад, напред и вртење на ‘рбетот, ќе им помогнете на вашите дискови да останат подвижни.

 

6. Силни коски

 

Бројните истражувања покажуваат дека со вежбањето со оптеретување ги зајакнуваме коските и го спречуваме настанувањето на остеопороза. Во многу јога позиции се подигнуваме со сопствената тежина. Позицијата на подигнато куче, на пример, ги зајакнува коските на рацете кои се особено изложени на остеопорозните фрактури. Во една сеуште необјавена студија на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, се тврди дека јогата ја зголемува  густината на пршлените. Јогата, исто така, го намалува нивото на хормонот на стрес- кортизол и на тој начин им помага на коските да го задржат калциумот.

 

7. Подобра циркулација

 

Јогата го нормализира крвотокот. Поточно, јога вежбите за опуштање ќе ја поттикнат циркулацијата, особено во дланките и стапалата. Клетките добиваат повеќе кислород. Доколку нозете ви отекуваат поради проблеми со срцето и бубрезите, овие позиции или нивните приспособувања можат да ви помогнат. Јогата, исто така, го зголемува нивото на хемоглобин и црвени крвни зрнца кои носат кислород до ткивата. Тромбоцитите исто така стануваат помалку лепливи, додека бројот на протеини кои се вклучени во формирањето на згрутчувањето на крвта се намалува. На овој начин, го намалуваме ризикот од добивање на срцев удар и мозочен удар.

 

8. Зајакнат имунитет

 

Секој пат кога ќе ги стегнеме или издолжиме мускулите, ги придвижуваме органите, влегуваме или излегуваме од некоја јога позиција, ја подобруваме лимфната дренажа (вискозна течност со која се богати клетките на имунолошкиот систем). Лимфниот систем тогаш подобро се бори против инфекции, ги уништува канцерогените клетки и ги истиснува токсичните материи од клетките.

 

9. Посреќно срце

 

Доколку често се наоѓате во аеробна зона, јанамалувате веројатноста од појава на срцев удар и подложност на депресија. Иако сите стилови на јога не се аеробни, доколку вежбате посилно или по системот на ashtanga vinyasa јога, можете да бидете во аеробна зона. Дури и вежбите кои не ја забрзуваат работата на срцето можат да го зајакнат кардиоваскуларниот систем. Истражувањата покажуваат дека практикувањето јога ја забавува работата на срцето додека мируваме, ја зголемува издржливоста и дека може да го зголеми максималниот внес на кислород за време на вежбањето. Сето ова се воедно и последици од подобрената аеробна кондиција. Во едно истражување, луѓето кои научиле да практикуваат пранајама биле во можност да вежбаат повеќе, а притоа да трошат помалку кислород.

 

Yoga_2

 

10.Понизок притисок

 

Доколку имате зголемен крвен притисок, јогата би можело да го спушти. Две истражувања споредувале како влијае  јога положбата на длабока релаксација кај лицата кои имаат висок притисок. По три месеци, со практикувањето на оваа јога позиција се намалил и систолниот крвен притисок (горниот број) за 26, и дијастолниот (долниот број) за 15. Колку притисокот бил поголем, толку поголем пад е забележан.

 

11. Помалку стрес

 

Јогата го намалува нивото на кортизол. Ако тукушто помисливте – “Па што?” – продолжете да читате. Надбубрежните жлезди излачуваат кортизол во екстремно стресни ситуации, што краткорочно го зајакнува имунолошкиот систем. Доколку нивото на кортизол остане покачено и после стресната ситуација, тоа може да го ослабне имунолошкиот систем. Краткорочното покачување на кортизолот и помага на долгорочната меморија, но хронично високите нивоа ја намалуваат меморијата и може да доведат до трајни промени во мозокот. Покрај тоа, прекумерните нивоа на кортизол се поврзани со тешка депресија, остеопороза (кортизолот го истиснува калциумот и другите минерали од коските и го нарушува обновувањето на коските), висок крвен притисок и отпорност на инсулин. Истражувањата покажале дека високите нивоа на кортизол ги принудувале стаорците да јадат повеќе кога се вознемирени, лути или напнати. Тогаш телото го претвора вишокот на калории во масни наслаги околу стомакот,а организмот станува се повеќе склон кон појава на дијабетис и срцев удар.

 

12. Ја поттикнува природната среќа

 

Тажни сте? Седнете во положба на лотос. Иако не е баш едноставно да се ослободите од депресијата, една студија покажала дека редовното вежбање јога ја ублажува депресијата, значително го зголемува нивото на серотонин и ги намалува нивоата на моноамин оксидаза (ензим кој ги уништува невротрансмитерите) и кортизолот. Доктор Ричард Дејвидсон открил дека левиот префронтален кортекс кај оние кои медитираат работи посилно, што резултира со поубаво расположение и посилен имунолошки систем. Изразената активација на левиот префронтален кортекс е карактеристичен за сериозните, долгорочни медитанти.

 

13. Подобра линија

 

Повеќе движете се, помалку јадете – ќе ви кажат сите оние кои држат диета. Јогата може да ви помогне и со едното и другото. Редовното вежбање го активира телото и согорува калории, а духовните и емотивните димензии на вежбите можат да ве поттикнат на тоа проблемот со јадењето да го гледате од едно подлабоко ниво. Јогата исто така, може да ве научи како да јадете посвесно.

 

14. Збогум на шеќерот и холестеролот!

 

Јогата го намалува шеќерот во крвта и LDL (“лошиот”) холестерол,  a  го зголемува HDL (“добриот”) холестерол.  Кај оние кои страдаат од дијабетес, јогата го намалува шеќерот во крвта на повеќе начини: ги намалува нивоата на кортизол и адреналин, помага при слабеењето и ги засилува ефектите на инсулинот. Доколку го намалите шеќерот во крвта, вие сте успеале и да ја намалите веројатноста од компликациите кои го придружуваат дијабетесот: срцев удар, оштетување на бубрезите и слепило.

 

15. Извежбан мозок

 

Важен дел од вежбањето јога е умот да биде во сегашноста. Истражувањата покажуваат дека редовното практикување јога ја подобрува координацијата, времето на реакција, меморијата, па дури и бројот на бодови на тестовите на интелигенција. Се покажало дека медитантите полесно ги решаваат проблемите и побрзо се присетуваат на некои работи.

 

16. Посилни нерви

 

Јогата ви помага да се опуштите, да се концентрирате на сегашноста и да го забавите дишењето. На тој начин се активира парасимпатичкиот нервен систем, а се смирува симпатичкиот. Парасимпатичкиот систем се смирува и опушта, се забавува дишењето и отчукувањата на срцето, се намалува крвниот притисок и се зголемува протокот на крв кон цревата и половите органи. Докторот Херберт Бенсон сето тоа го нарекува реакција на опуштање.

 

17. Подобро разбирање на сопственото тело

 

Редовното практикување на јога ја подобрува проприоцепцијата (подигнување на свеста за активностите на телото и неговата положба во просторот), како и чувството на рамнотежа. Луѓето со полошо држење на телото или дисфункционални начини на движење обично имаат лоша проприоцепција, што е поврзано со проблеми во колената и болки во грбот. Подоброто чувство на рамнотежа може да значи помалку паѓања (особено за старите лица). За останатите, положбите како дрво ќе ве направат помалку колебливи, во јогата или во животот.

 

18. Сам свој газда

 

Некои напредни јога вежбачи можат со своите тела да управуваат на извонредни начини, од кои многу се поврзани со нервниот систем. Научниците ги следеле јога вежбачите кои можеле да управуваат со чукањата на срцето, специфичните мозочни фреквенции и повишување на температурата на дланките за 8 Целзиусови степени. Доколку сето тоа го можат практикувачите на јога, можеби и вие можете да научите како да го подобрите протокот на крв во карлицата доколку се обидувате да забремените, или како да се опуштите кога ќе ве фати несоница.

 

19. Одмор од хроничниот замор

 

Дали понекогаш во вид на железен стисок го фаќате телефонот или удирате во масата додека зборувате и се нервирате на телефон или пак со намуртено лице гледате кон мониторот? Овие несвесни навики резултираат со хронична напнастост, замор во мускулите и болки во зглобовите на рацете, рамената, вратот и лицето, што пак го зголемува стресот и го расипува расположението. Со практикувањето на јога ќе почнете да забележувате каде ја собирате вашата напнастост – можеби во јазикот, очите или во мускулите на вратот и лицето. Доколку научите едноставно да обрнувате внимание, ќе бидете во можност да се ослободите од дел од напнатоста во очите и јазикот. За свесно опуштање на поголеми мускули како што се квадрицепсот, трапезиусот или глутеусот можеби ќе ви бидат потребни неколку години.

 

20. Преку медитација до здравје

 

Асана и пранајама веројатно го подигнуваат имунитетот, но досега е најдобро документиран ефектот на медитацијата во оваа област. Се чини дека медитацијата поволно влијание врз функционирањето на имунолошкиот систем, преку то што го подобрува (на пример го зголемува нивото на антитела по имунизацијата) или пак го смирува (го ублажува несаканото агресивно однесување на имунолошкиот систем во автоимуните болести како псоријаза).

 

21. Со полни бели дробови

 

Практикувачите на јога дишат поретко и со пополни бели дробови, што смирува и е поефикасно. Во едно истражување од 1998 година, луѓето кои дишеле потешко  поради конгестивни слабости на срцето, ја научиле јога техниката на потполно дишење. По еден месец, просечната брзина на нивното дишење се намалила од 13,4 вдишувања во минута до 7,6. Почнале и подобро физички да вежбаат, а во крвта имале повеќе кислород. Освен тоа, јогата докажано ги подобрува различните функции на белите дробови, вклучувајќи го и максималниот волумен на вдишувања и ефикасност на издишувања. Јогата, исто така, помага да дишеме низ нос, што го филтрира воздухот, го загрева и го навлажнува (ладниот и сув воздух може да доведат до астматични напади кај чувствителните лица) и го отстранува поленот, прашината и другите нешта кои не се добри за белите дробови.

 

Yoga_4

 

 

22. Дејствува против стресот

 

Чиреви, синдром  на нервозно дебело црево, запек – сите овие состојби се предизвикани и од стресот. Значи, доколку сте помалку под стрес, ќе страдате помалку. Јогата, како и било која друга вежба, може да ви помогне при запекот – и така теоретски да го намали ризикот од рак на дебело црево – бидејќи движењето помага за побрз транспорт на хранливите и отпадните материи низ цревата. Иако сеуште не е научно потврдено, практикувачите на јога тврдат дека торзијата го забрзува исфрлањето на отпадните материи.

 

23. Спокоен ум

 

Според Патанџали, јогата ги смирува модификациите на умот. Доколку го преведеме ова, тоа значи дека јогата ги размотува умствените јамки на фрустрацијата, непрежалените ситуации, лутината, стравот и желбата која се повеќе води кон стрес. А бидејќи стресот е составен дел на многу здравствени проблеми – од мигрена до несоница и лупус, мултиплекс склероза, егзема, висок крвен притисок и срцеви удари – доколку научите како да го смирите вашиот ум, најверојатно, ќе живеете подолго и поздраво.

 

24. Емоционално и духовно здравје

 

Многумина од нас страдаат од хроничен недостаток на самодоверба. Доколку му пристапите на ова негативно – пиете таблети, се прејадувате, работите или спиете премногу – ќе платите со послабо физичко, ментално и духовно здравје. Доколку на ова му пристапите позитивно и практикувате јога, ќе почувствувате, во прво време со прекини, а потоа се повеќе- дека вредите, или според филозофијата на јогата- дека сте манифестација на божественото. Доколку вежбате редовно набљудувајќи ги своите мисли и реакции со намера да се подобрите, вам ви се отвора пристап до една друга димензија на своето постоење. Ќе искусите благодарност, сочувство и простување, како и чувство дека сте дел од поголема целина.

 

25. Помош при болка

 

Јогата може да ја намали вашата болка. Неколку истражувања покажуваат дека јога положбите, медитацијата или нивната  комбинација ја намалува болката при артритис, болки во грбот, фибромијалгија, синдромот на карпален тунел и други хронични заболувања. Секако, дколку имате помалку болки, ќе бидете порасположени, поактивни, и ќе ви бидат потребни помалку лекови.

 

26. Нова цврстина

 

Јогата може да ви донесе големи промени во животот. Всушност, во тоа можеби се состои и нејзината најголема сила. Тапас, санскритскиот збор за јар, е пожар, дисциплина која се распламтува со редовно вежбање. Тапасот ќе ви помогне да ја избегнете инерцијата и да ги промените дисфункционалните навики. Без посебни напори ќе почнете да јадете поздраво, повеќе да  вежбате,или пак можеби конечно ќе се откажете од пушењето после многу години неуспешни обиди.

 

27. Насочување и поддршка

 

Добрите јога учители можат да направат чуда за вашето здравје. Исклучителните учители не ве водат само низ јога положбите. Тие можат да направат прилагодување на положбите и да ве охрабрат подлабоко да ги истражите. Можат и да ви укажат на недостатоците, да ви помогнат да се опуштите и да ги адаптирате вежбите за да одговараат на вашите потреби.

 

28. Помалку лекови

 

Доколку дома имате лекови за да отворите мала аптека, можеби е време да се обидете со јога. Истражувањата покажуваат дека јогата на луѓето кои страдаат од астма, дијабетес тип 2 и опсесивно-компулсивни нарушувања им помогнала да ги намалат дозите лекови, а понекогаш и целосно да престанат да ги земаат. Доколку земате помалку лекови, секако ќе трошите и помалку пари, а ја намалувате и веројатноста за појава на несакани ефекти или негативни влијанија на разни лекови.

 

29. Лутината под контрола

 

Јогата и медитацијата ја развиваат свесноста. А колку сте повеќе свесни, толку полесно ќе се ослободите од деструктивните емоции како што е лутината. Студиите покажуваат дека хроничниот гнев и непријателското однесување се подеднакво ризични за срцев удар, како што е и пушењето, дијабетесот и високиот холестерол. Јогата го смирува бесот преку зголемување на чувствата на сочуство и поврзаност, како и преку смирување на нервниот систем и умот. Исто така јогата ви помага да се оддалечите од своите животни драми и да го задржите мирот кога нештата ќе тргнат во лош правец. И понатаму можете по потреба брзо да реагирате- јогата докажано го намалува времето потребно за реакција.

 

30. Хармонични односи

 

Љубовта можеби не победува баш сè, но сигурно ни помага да оздравиме. Негувањето на топлите односи и емоционалната поддршка од пријателите, семејството и заедницата секогаш се покажуваат како добри за здравјето. Редовното практикување јога ни помага да бидеме  посочувствителни и посмирени. Со јога филозофијата која го нагласува ненасилството, вистинитоста и скромноста, животните врски можат да ни станат само подобри.

 

31. Добри  вибрации

 

Основните елементи на јогата – асеана, пранајама и медитација – благотворно влијаат врз здравјето на луѓето, но тоа не е се. Интонирањето на слогот Ом  го продолжува издишувањето со што се урамнотежува нервниот систем. Едно неодамнешно истражување на Шведскиот Институтот” Каролинска” го поврзува пеењето на слогот Ом со отворање и прочистување на синусите.

 

32. Замислете ги промените

 

Доколку заджите одредена слика во умот, како во јогата при нидра и сличните вежби, ќе можете да ги потикнете промените и во телото. Неколку истражувања покажуваат дека визуелизацијата ја намалува постоперативната болка, зачестеноста на главоболките и го подобрува квалитетот на животот на пациентите заболени од рак и СИДА.

 

33. Прочистување на организмот

 

Крија Јога, или вежбите за прочистување, се уште еден елемент на јогата. Тие вклучуваат вежби од брзо дишење до темелно внатрешно чистење на цревата. Џала Нети, нежното испирање со солена вода, од носот ги отстранува поленот и вирусите, го спречува собирањето на слуз и го помага празнењето на синусите.

 

34. Помагање на другите

 

Карма Јога (помагање на другите) е составен дел на јога филозофијата. Дури и ако оваа идеа не ве превлекува, помагањето на другите е добро за здравјето. Едно истражување на Универзитетот во Мичиген открило дека постарите лица кои волонтирале нешто помалку од еден час неделно, за три пати ги зголемиле своите шанси да бидат живи и по седум години. Доколку им помагате на другите, можеби ќе најдете смисла во животот, а и вашите сопствени проблеми ќе ви изгледаат помали во споредба со оние на другите.

 

35. Со надеж до здравје

 

Во конвенционалната медицина, повеќето пациенти имаат пасивна улога. Во јогата, пак, е најважно она што го правите сами за себе. Јогата ви дава алатки за да инспирирате промени и најверојатно, ќе се чувствувате подобро веднаш после првата вежба. Ќе видите дека колку повеќе се фокусирате на вежбањето, толку поголеми се и бенефитите од јогата. Откако ќе почнете да се грижите за себе на тој начин, ќе откриете работата на себе ви дава сила за промени, а кога ќе ги видите промените ќе ја разбудите надежта во себе. А и самата надеж ја има таа моќ за да може да ве исцелува.

Eripuit oporteat patrioque vel ne. Albucius voluptatum eu vel. Sea nisl voluptaria sententiae et, eum autem fuisset definitionem no. Id paulo dicam postea nam, quo regione facilisi aliquando cu. Ad aeque reformidans mediocritatem vim.