Зајачкиот трн има многу имиња. Латинското име му е Onosis spinosa, a народот уште го нарекува и грмотрн. Во лековити цели најчесто се користи неговиот корен, но исто така се користат и цветот и листовите. Совршен диуретик е. Тоа им било познато уште и на старите Римјани и Грци, чијшто корен го користеле за лачење на урината и за кршење на камен во бубрезите. Во списите од 16 век се спомнува како лек против забоболка. Современата фитотерапија го препорачува ова растение при водена болест, камен и песок во бубрег, гихт, хронична реума и проблеми со мозолки. Многу е ефикасно во борбата против уринарни инфекции, го поттикнува исфрлањето на солта од организмот и така го регулира крвниот притисок.

Чајот од коренот и цветовите на зајачкиот трн се користат за миење на усната шуплина, го спречува крварењето на непцата и е одлична превенција при нивното воспаление. При проблеми со мозолки се става како облог на кожата, а го забрзува и зараснувањето на раните. Чајот од зајачки трн се прави така што три лажици се ставаат во еден литар вриена вода. Се остава да отстои и се процедува. Се пие три пати на ден по една шолја. Ова растение не се препорачува за оние кои имаат едем, како последица од наслабнатата функција на бубрезите или срцето.

Опис на растението

Зајачкиот трн е растение кое расте како плевел со многу долги, силни и жилави корења. Стеблото е цврсто и разгрането, со трнливи изданки, а е високо 50 сантиметри. Цветовите се наоѓаат на трнливи изданки, по облик се налик на пеперутка и имаат гримизно црвена боја. Расте покрај рабовите на шумите, на ораници и ливади. Во пролет и есен се собира коренот, додека целото растение се собира за време на цветањето.

Покрај горенаведените болести и тегоби, зајачкиот трн уште лекува и:

Забоболка

Лажичка иситнет корен се прелева со 2,5 дл. jаболков оцет и се вари на ниска температура 15 минути, па се процедува. Со топлиот чај се прави гаргара колку што се може подолго.

Мозолки

Во стаклена тегличка или шише се става 30 гр. корен од зајачки трн, па се прелива со 2дл. 70% алкохол. Добро се затвора и се остава да отстои три недели. Потоа се процедува и со оваа смеса се мачка проблематичната кожа.

Реума и артритис

Во еден литар бело вино се става 50 гр. корен од зајачки трн и се вари 10 минути. Потоа со оваа содржина се натопуваат две чисти платнени крпи, се цедат малку и се замотуваат околу болните зглобови.

* Во 3дл. вода се потопуваат 15 до 20 гр. сув корен и се оставаат преку ноќ. Следниот ден се варат десеттина минути, се тргаат од оган, се поклопуваат и се оставаат да се ладат 20 минути. Два до три пати на ден се пие по една шолја. Додека се пие чајот, треба да се внесуваат повеќе течности, за да не се дехидрира, бидејќи зајачкиот трн е силен диуретик. Терапијата не смее да трае подолго од две недели. Се прави пауза од неколку недели, па се продолжува да се пие ако е потребно.

Чистење на крвта

Се мелат 6 гр. корен од зајачки трн, се става во 2,5 дл. вода и се вари пет минути. Се остава да отстои десет минути, се процедува и се пие три пати на ден по една шолја. Вака подготвениот чај се препорачува при низок притисок, катар на мочниот меур, болести на бубрезите и срцеви проблеми кои предизвикуваат отекување на нозете и стомакот.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина