Стравувајќи од пад на имунитетот, грипови, кивавици и респираторни инфекции, луѓето посегнуваат по витамини и минерали без консултирање со доктор или фармацевт. Дозите си ги одредуваат своеволно, проценувајќи сами што му недостасува на нивниот организам.  Тие треба да се откажат од овие навики, бидејќи земањето витамини и минерали понекогаш можат да донесе повеќе штета отколку полза. Сите нутритиенти кои му се неопходни на организмот треба да се внесуваат преку храната, а не во вид на таблети, пилули и напитоци.

 

Посебно е важно да се внимава со суплементите на железото, бидејќи недостатокот на овој минерал во организмот честопати се јавува како последица од сериозни здравствени проблеми, мод хронични воспалителни болести до малигнитет. Со надоместувањето на железото болниот си одмага самиот на себе, бидејќи губи скапоцено време за откривање на причината за болеста. Организмот дневно губи околу еден милиграм железо поради губење на косата и епителот на кожата и слузницата, додека поголемо губење е речиси секогаш последица од крварења кои треба да се откријат. Неопходно е прво да се открие причината за анемијата, а дури потоа да се одреди лекување. Затоа препаратите кои содржат комбинација од витамини, минерали и мали количини железо немаат апсолутно никаква цел, дури можат и да наштетат.

 

Намалување болки во зглобовите

 

Меѓу суплементите во последно време се појавуваат хондроитинот и глукозаминот, супстанции кои влегуваат во составот на зглобната рскавица и се препорачуваат за ублажување на тегобите во зглобовите. Се уште не може со сигурност да се каже дали нивната употреба е корисна или не. Постојат податоци кои покажуваат дека земањето на овие суплементи може да ги намали болките, но нема докази дека тие ја обновуваат рскавицата.

 

Слична е ситуацијата и со земањето препарати во кои се комбинирани витамини во т.н. неопходни дневни дози. Ако е човекот здрав, тој веќе преку исхраната внесува доволно витамини, така што дополнителното внесување не значи добробит за здравјето. Кај болните и оние со селективен дефицит на некој витамин овие дози не се доволни.

 

Во последните години се повеќе се користат наводните имуномодулатори, препарати за кои се верува дека го подига имунитетот на организмот. Меѓу нив има и препарати кои божем го поправаат имунитетот и спречуваат ширење на малигните болести. Меѓутоа, досега не е даден ниеден валиден доказ дека тие навистина помагаат. Се разбира, постојат ситуации кога земањето на овие препарати е оправдано, дури и неопходно, како што е на пример случајот со витамините А и Д, кои им се даваат на новороденчињата или на децата во фаза на интензивен развој, и тоа исклучиво по препорака на педијатрите.

 

Земањето суплементи, поточно препарати на калциум со витамин Д е неопходно во периодот на предменопаузата и менопаузата. Тогаш опаѓа нивото на женските полови хормони, слабо се апсорбира и депонира калциумот во коските, кои поради тоа стануваат порозни и лесно кршливи. Трудниците треба во првите три месеци од бременоста да земаат фолна киселина, бидејќи на тој начин се намалува ризикот од проблемите со созревање и развој на нервниот систем кај бебињата. Додека се во мајчината утроба, бебињата од мајките го земаат железото и затоа голем број трудници мора да го надоместуваат загубеното железо. Честопати тоа не е можно да се направи само со исхраната, па суплементите со железо се наметнуваат како неопходни. Сепак, тие мора да се консултираат со својот гинеколог за неопходните дози од овој лек.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина