Суплементи кои докажано го подобруваат нашето здравје
Во нашето секојдневие, секако слободно може да се каже дека генерално земено, луѓето се во лоша физичка форма. Дебелината на населението во светот го достигнува своето рекордно ниво, животниот век на населението се намалува, наместо да се зголемува, а дебелината ги чини владите во целиот свет милијарди и милијарди долари секоја година. Дебелината сега од страна на здравствените експерти и нутриционистите е опишана како пандемија која има потенцијал еден ден да го означи крајот на цивилизацијата, доколку работите конечно не започнат да се менуваат на подобро.
За да ги достигнеме оптималните нивоа на здравје и оптимачните нивоа на фитнес кон кои цели секој од нас, ние мора да се осигураме дека секојдневно водиме здрав и активен живот, кој вклучува многу физичка активност и внесување на многу здрави и хранливи намирници. Откако ќе ги пронајдете намирниците кои ви одговараат и кои ви годат, а истовремено започнете и повеќе да вежбате, следниот чекор кој можете да го направите за да бидете поздрави и посреќни, е да ги вклучите суплементите во вашата секојдневна исхрана.
Најчесто, трошиме многу пари за купување на суплементи одново и одново секоја година, но многумина од нас всушност не знаат што земаат или пак зошто ги земаат овие нешта. Подолу, правиме осврт на неколку здравствени суплементи кои се и медицински докажани дека го подобруваат секојдневното здравје и општата наша благосостојба.
Витамин Ц
Аскорбинската киселина, односно витаминот Ц, е еден од најздравите и најкорисни витамини што некогаш сме можеле да ги посакаме, а добрата вест е што тој е достапен и во форма на суплемент, како и тоа дека природно може да се најде во широк спектар на здрави и хранливи намирници. Витаминот Ц е многу здрав и корисен, бидејќи го зајакнува нашиот имунолошки систем. Нашиот имунолошки систем го претставува нашиот природен одбранбен механизам против болести и инфекции. Колку е посилен нашиот имунолошки систем, толку помала е веројатноста дека ќе страдаме од болести и настинки, доколку и случајно заболиме од некоја настинка или болест, веројатно и ќе се опоравиме со многу побрзо темпо отколку нормално. Витаминот Ц е достапен во течна или тврда состојба во форма на пилула и треба да се консумира заедно со оброкот за соодветна апсорпција во телото.
Висококвалитетни Омега 3 рибини масла
Овие суплементи се идеални, бидејќи тие се богати со омега 3 масни киселини, кои се неверојатно здрави масти. Активните состојки во рибиното масло кои се одговорни за здравствените бенефити се нарекуваат еикосопентаночна киселина (EPA) и докосахексонична киселина (DHA). Квалитетен ваков суплемент од рибино масло ќе содржи комбинирана количина од 1000-3000mg (дневна доза) од двата типа на киселина. Рибиното масло ги намалува триглицеридите кои влијаат на појава на кардиоваскуларни заболувања и други болести. Освен тоа, консумирањето на рибиното масло, исто така, е многу корисно за мозокот, очите, зглобовите, па дури и нашиот метаболизам, бидејќи ни помага да согориме калории и како резултат на тоа, да произведеме повеќе енергија.
Витамин Д
Витаминот Д е уште еден многу важен суплемент за здравјето кој е исклучително тешко да се обезбеди преку природна храна. Ние, всушност, го внесуваме витаминот Д преку сончевата светлина, на начин што сончевите зраци им помагаат на нашите тела да го производуваат и синтетизираат овој витамин, кој токму затоа е и познат како сончевиот витамин. Витаминот Д докажано помага при варењето на храната, одржувањето на нормалното функционирање на имунолошкиот систем и многу повеќе добробити за нашето здравје. Најчестите симптоми на недостаток на витамин Д се – мускулна слабост, ослабен имунолошки систем, депресија, висок крвен притисок и срцеви заболувања.
Пробиотици
Кога станува збор за здравата дигестија и здравјето на гастронтестиналниот тракт, пробиотиците се неверојатно корисни. Во нашиот дигестивен систем буквално живеат милиони видови на бактерии, некои бактерии се здрави и корисни за нас, а некои и не се толку здрави. Овие бактерии во нашите црева можат да влијаат на нашето севкупно здравје од многубројни и различни причини. На пример, доколку имаме адекватни количини на добри бактерии, ќе имаме зголемување на нивото на варење на храната и подобрена апсорпција на хранливите материи како резултат на тоа. Ова значи дека ќе имаме повеќе енергија и ќе изгледаме, ќе се чувствуваме и ќе бидеме поздрави и посреќни. Пробиотиците му помагаат на нашиот дигестивен систем да остане богат со здрави и корисни бактерии, а истовремено, го намалуваат влијанието на штетните бактерии. Ова значи дека со внесување на повеќе пробиотици во нашиот организам ние многу помалку ќе страдаме од гасови, горушица, рефлукс на киселини, отежнато варење, но дури и многу посериозни состојби како што се рак на стомакот или дебелото црево.
Витамин Е
Витаминот Е е еден од најдобрите антиоксиданси во организмот, кој ги штити клетките од оштетување под дејството на слободните радикали. Со настанување на слободните радикали доаѓа до оштетување на клетките и ткивата во организмот, со што се забрзува процесот на стареење и настанување на болести, како што се кардиоваскуларните и малигните заболувања.
Витаминот Е го спречува стеснувањето на артериите и развојот на атеросклероза. Тој, исто така ја спречува оксидацијата на мастите и оштетувањето на крвните садови, како и навлегувањето на холестеролот во артериите, а на тој начин се спречува развојот на болести на срцето и крвните садови. Се верува дека витаминот Е заедно со другите антиоксиданси од храната (витаминот Ц, флавоноидите) се добра превенција против појава на кардиоваскуларните заболувања, малигните заболувања, а придонесува и за подобрување на целокупното здравје.
Витаминот Е е растворлив во масти, а најбогати извори на овој витамин се: јајца, ореви, лешници, бадеми, семки од сончоглед, ладно цедени растителни масла (маслиново, пченкарно, соино), спанаќ. Симптоми на недостаток на витамин Е се: мускулна слабост, губење на мускулната маса, проблеми со видот. Хроничниот недостаток на витамин Е може да доведе до проблеми со бубрезите и црниот дроб.