Состојбата на кожата навистина покажува што се ставате во уста. Затоа здравата исхрана е вистински ,,внатрешно-надворешен,, пристап кон здрава кожа. Колку сте поздрави одвнатре, толку ќе бидете и однадвор.

Акни и комедони

Акните и комедоните најчесто се пјавуваат кај адолесцентите, воглавно поради хормонални промени. Сепак, од нив можат да страдаат и повозрасните. Порано се сметало дека одредени намирници го предизвикуваат настанувањето на акните – посебно оние најомилените на адолесцентите, како што се чоколадите, пиците и помфритот. Но, од неодамна вината се префрли од одредена храна на целокупниот состав на исхраната, посебно кога се работи за видот и количината на јагленохидрати кои ги јадете. Преработените јагленохидрати (намирници како слатки, бел леб, пире, тесто и бел ориз) имаат висок гликемиски индекс. Поедноставно кажано, гликемискиот индекс е мерка која покажува со која брзина и интензитет доаѓа до пораст на шеќерот во крвта по консумирањето на одредена храна. Слатките, брашнести ,,бели,, јагленохидрати обично доведуваат до поголем (и побрз) пораст на шеќерот во крвта од здравите јагленохидрати (како што е овошјето, зеленчукот и житарките од цело зрно), кои имаат низок гликемиски индекс. Ако вашата исхрана се состои од големи количини храна со висок гликемиски индекс, тоа врз вашето тело става голем товар од јагленохидрати. Ваквиот вид на секојдневна прехрана може да доведе до хронични воспаленија во целото тело, кои се налик на бавен пожар кој полека гори во вас и кој се поврзува со бројни здравствени проблеми, меѓу кои се и акните и комедоните.

Оштетувања од сонцето и брчките

Текстурата и еластичноста на вашата кожа во најголем дел ја одредуваат протеините, колагенот и еластинот, кои се наоѓаат веднаш по површината на кожата. Се што предизвикува оштетување на тие протеини може да доведе до појава на помали и на поголеми брчки, поради што ќе изгледате постаро. Една од причините зошто е толку многу важно да се заштити кожата од влијанието на сонцето се ултравиолетовите зраци (УВ-зраците), кои го поттикнуваат создавањето на слободните радикали – кои можат сериозно да ги оштетат колагенот и еластинот. Тука настапува исхраната. Антиоксидансите, состојки со кои изобилуваат овошјата и зеленчуците, помагаат во сузбивањето на создавањето на слободните радикали. Постои и јасна врска помеѓу нивото на антиоксиданси во кожата и самата текстура на кожата. Оние кај кои нивото на антиоксиданси во кожата е ниско обично имаат погруба текстура на кожата, додека кај оние со повисоки нивоа на антиоксиданси текстурата може да биде многу пофина.

Намирници кои поттикнуваат поздрав изглед на кожата
  1. Риба – рибата е одличен извор на протеини кои му се потребни на вашето тело за создавање на колаген и еластин. Таа исто така содржи и омега-3 масни киселини, кои ги убажуваат воспаленијата и на тој начин и даваат поздрав изглед на кожата.
  2. ,,Добри,, јагленохидрати – обидете се да ги исфрлите од исхраната ,,белите,, јагленохидрати и шеќерите, а заменете ги со ,,добри,, јагленохидрати, како што се овошје, зеленчук и житарки од цело зрно.
  3. Јаткасто овошје и семиња – јаткастото овошје како што се бадемите и оревите и семето како она од лен и чија даваат здрави омега-3 масни киселини. Одредени јаткасти овошја (како бразилските ореви) се одличен извор на селен, минерал кој исто така делува како антиоксиданс.
  4. Изобилство течности – кожните клетки се базираат на изобилство на течност со чија помош влегуваат хранливите состојки, а се исфрлаат отпадните материи. Водата е одлична исто како и зелениот чај, кој е богат со антиоксиданси. Посебно треба да обратите внимание на доволната хидратација кога е надвор жешко. За време на потењето, нашето тело се потпира на течностите кои ќе помогнат да се отстранат отпадните производи од кожата. Додајте малку сем од лен или чија, парчиња манго и млад спанаќ во исхраната за да добиете здрава кожа.
Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина