Камилицата е едно од најпознатите растенија за нега на кожата. Поседува противвоспалителни, антифунгални и антисептични својства и се смета за хипоалерген. Исто така, таа делува кај разни кожни проблеми, како што се дерматитис и алергии, а поседува во себе и големи количини на антиоксиданси. Исклучително е корисна за ублажување мачнини, болки и воспаленија во организмот. Иако постојат неколку видови камилица, сите тие имаат слично дејство на кожата. Денес најпознати се два вида (римска камилица (лат. Anthemis nobilis), која е уште позната и под името англиска или благородна камилица и германска камилица (лат. Matricaria recutita) позната и под името ,,вистинска,, камилица) и овие две најчесто се користат за нега на кожата, додека останатите видови не се користат воопшто во лековити цели.

Освен за нега на кожата на лицето и на телото, камилицата може да се користи и за просветлување на руса и светло кафеава коса и како регенератор. Козметичките производи со камилица се наменети за смирување на воспалителни процеси и за хидратација на сува кожа. Освен тоа, чајот од камилица го смирува наздразнетиот желудник и делува како смирувачко средство за умот. Делува благопријатно кај анкциозност, раздразнетост и депресија, па затоа се препорачува да се пие редовно чај од камилица за рамнотежа на организмот, доколку се најдеме во стресен период од животот.

Благодетите на камилицата врз кожата

Таа има силно антивоспалително дејство и од тука е исклучително ефикасна кај чувствителна кожа и за третирање на воспалени акни. Богатството од антиоксиданси ја прави одлична за нега на сите типови кожа. Таа го зголемува и ефектот на топикалните третмани, со тоа што помага нанесениот производ да навлезе во подлабоките слоеви на кожата. Потоа, исто така, ја хидрира кожата, ја намалува надразнетоста и ја олеснува напнатоста кај сувата кожа. Штити од слободните радикали и го намалува оштетувањето и предвременото стареење на кожата. Лекува и ублажува изгореници. Затоа одлична е за нега на излупена кожа која е изгорена од сонце. Со камилицата дури и се просветлува кожата по природен пат, со што помага кај пигментација и промена на бојата на кожата. Таа може да се користи во обик на крема, балзам, тоник, етерично масло или да се пари лицето над чај подготвен од неа.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина