Зачинското растение селен (лат. Levisticum officinale), уште познато кај народот под името белестика и лесандрина, не само што ги прави јадењата повкусни, туку е и многу лековито. Со аромата потсетува на мешавината од суви зачини, кои се додаваат речиси во секое јадење, а листовите личат на оние на целерот. Во однос на другите растенија е неупадливо, но затоа со својот карактеристичен мирис надмоќно привлекува. Тоа најдобро го знаат Австријците, Германците и Французите, кај кои постои долга традиција на одгледување на ова растение.

За селенот знаеле уште старите Римјани и Грци, кај кои дошол од јужен Иран. Старите народи ги џвакале неговите семиња за да го олеснат варењето, а овој обичај во средниот век го презеле монасите бенедиктанци. Тие го пренеле во северна Европа, каде со својот мирис ги исполнувал градините на манастирите. Поради тоа станал познат како ,,растение на свештениците,, од кое тие правеле зачин и лек. Покрај тоа, во народот е познат и како ,,растение на љубовниците,, поради своите афродизијачки моќи.

Селенот е повеќегодишно зелјесто растение, високо до 2 метри. Коренот му е многу крупен и разгранет. Листовите се темнозелени и 2 – 3 пати перјасто раздвоени. Има ситни, жоли цветови кои се здружени во штитести цветови. Цвета од јуни до август. Плодовите се плоснати, назабени на краевите и созреваат во есен. Има специфичен пријатен мирис. Се одгледува во градини, но расте и на планини. Во својот корен и плод содржи околу 1% етерично масло, но содржи и смола, гума, танин, шеќер, скроб и органски киселини. Во помали количини сите овие состојки се наоѓаат и во неговите други делови. Во сушена или свежа состојба се додава во супи, сосови, печења и разни јадења од месо.
Народните доктори го препорачуваат при проблеми со бубрезите, лошото варење, надуеност и други тегоби на гастроинтестиналниот тракт. Ова растение го поттикнува работењето на црниот дроб, жолчката и слезината, а помага кај мигрени, отоци на нозете, за спречување на непријатен и силно поттење, камен во бубрезите, нервоза и воспаление на мокрачниот меур. Не им се препорачува на трудниците поради своето диуретско дејство. Не смее да се зема ни при повишена температура.
Лековити се сите делови од селенот, а посебно коренот и семето. Ако им се дава на животни да го јадат во мали количини, нивното млеко и месо ја попримаат неговата арома.

Природни рецепти од селен

Чај за подобра работа на бубрезите се прави така што 2 лажици од сув корен од селен се прелеваат со 2,5 дл. студена вода, а потоа се загреваат до вриење. Од овој чај се пие два пати на ден, наутро и навечер, незасладен, во мали голтки. Исто така, наместо чај може да се зема прав од сомелен корен, од половина до една лажичка, со малку вода.

Виното добиено од ова растение ја подобрува работата на црниот дроб, а се подготвува така што 2 лажици смелено семе од селен се става во 1 литар бело вино и се остава да отстои една недела. Потоа, секое утро, на гладно, се пие по мала чашка.

Од семето на селенот се добива масло, кое помага кај болки и грчеви во стомакот. За да се отстранат овие тегоби, 5 – 8 капки масло се додаваат во 1 лажица топло бело вино. Постапката се повторува додека не престанат тегобите.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина