Водењето љубов во првите неколку месеци по породувањето може да предизвика, честопати непотребно, загриженост. Таа загриженост е нормална појава. Во продолжение погледнете некои од одговорите кои ги измачуваат сопружниците во поглед на ова прашање.

Промени во телото

Откако бебето ќе дојде на свет, обично се потребни од 6 до 8 недели за матката да се намали и да се врати на големината која ја имала пред бременоста и повторно да се смести на нормално место. Тогаш е време жената да појде на контролен преглед кај својот гинеколог. На брачните парови им се советува да почекаат со сексот до тој преглед, но денес е општо прифатено дека тие можат и порано да започнат да водат љубов. До тоа време грлото на матката се затворило, додека вагината се вратила на својата нормална големина.

Промени во начинот на живеење

Породувањето, само по себе, за некои жени е стресно искуство, посебно кога тоа е прво бебе. Освен тоа, по породувањето жената се чувствува исцрпена и уморна. Заморот предизвикан од трудовите може дополнително да се зголеми со сета онаат напорна работа околу бебето. За многу жени легнувањето рано навечер може да значи само едно нешто – шанса за мирен ноќен одмор. Меѓутоа, по некое време, кога веќе ќе се навикне на рутинската работа околу бебето, жената би требало да почувствува дека се вратила во ,,нормала,, и дека е подготвена повторно да почне да води љубов.

Дали е потребна контрацепција?

Контрацепцијата, веројатно, е последното нешто во мислите на жената која добила бебе, но тоа не смее да се заборави. Докторот може да и даде корисни информации за контрацепцијата, бидејќи многу непланирани бремености се случиле во првите неколку месеци по породувањето.

Жената не треба да чека да добие менструација за да почне со некаков облик на контрола на раѓањето. Исто така, не смее да чека до првиот гинеколошки преглед по породувањето за да почне да размислува за тоа кој вид на контрацепција ќе применува. Најдобро е веднаш да започне да применува некаков сигурен метод за спречување на бременост штом брачниот пар ќе почне да има секс. Најпопуларниот метод по породувањето е кондомот. Што се однесува до антибеби пилулите, тие не можат да се земаат без согласност на докторот. Ако жената сака да употреби спирала, дијафрагма или метод на пресметување на плодните и неплодните денови, ќе мора да почека пет или шест недели и повеќе, додека телото не се врати во својата состојба во која било пред бременоста.

Како да се одбегне збунетоста?

Некои парови се збунети од искуството од првото водење љубов откако се родило нивното бебе. Таквата збунетост може да се одбегне ако пред почеток на сексуалниот живот одвои малку време за да ги разгледа можните проблеми. На некои парови им е непријатен, евентуалниот, се уште присутен вагинален исцедок. Повеќето жени се загрижени дали ќе ги боли половиот однос по породувањето. Болната чувствителност на вагиналниот дел може да биде предизвикана од недостигот на природна вагинална влажност – што значи дека слузницата е сува. Тоа е последица од хормонските промени во мајчиниот организам. Понекогаш вагината може да биде чувствителна неколку недели по породот. Ако се земат во обзир сите тие проблеми, па се додаде сета исцрпувачка работа околу бебето и совладувањето на сите секојдневни домашни работи, тогаш може да биде разбирливо ако жената евентуално нема желба за скесот. Меѓутоа, жената не смее да се чувствува исплашено и спречено да почне повторно со својот нормален полов живот. Можеби ќе биде потребно да примени и некое средство кое ќе помогне вагиналната слузница да биде влажна.

На крај, со нежен и внимателен партнер нема причина зошто жената не би уживала во сексот исто како порано. Ако е присутен страв или некаква загриженост околу половиот однос, жената треба да дискутира за овие стравови со својот сопруг, а доколку болката за време на сексот не престанува, ќе биде потребно да се консултира со својот гинеколог.

Во секој случај, жената може постапно да си ги олесни своите тегоби поврзани со половиот однос и така повторно да има нормален, здрав и активен сексуален живот.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина