Проблемот со суво око се јавува се почесто, и тоа подеднакво и кај младите и кај старите, а најчести симптоми се црвено око и печење, односно чувство како во очите да има ситен песок. Може да се појави и чувство на притисок во окото и замор, а еден од симптомите е и солзење во аглите од очите. Кај помладите најчеста причина се контактните леќи и долготрајното работење на компјутер. Долгото работење на компјутер, во просторија која не е добро проветрена, е една од најчестите причини за појавата на суво око и кај оние во позрело животно доба, а се повеќе луѓе кои се во пензија исто така наместо во природа, времето го минуваат пред компјутер, поради што расте бројот на оние кои се погодени од овој проблем.

 

Причини за сувост на очите

 

Сувото око и инаку почесто се јавува на постара возраст, посебно кај жените, кај кои може да биде поврзано со хормонските промени, па се проценува дека овој проблем гоимаат околу 75% од постарите жени. Причина за суво око може да биде и некоја болест, како што е дијабетесот и некои автоимунолошки болести, како што се лупус, нарушување на штитната жлезда или ревматски артритис. Кога ќе се дијагностицира проблемот, најчесто се јавува до крајот од животот, но со различен интензитет и најчесто така што сепак човек може да си помогне сам на себе.

Во најблага форма во повеќето случаи може да помогне тоа човек да се одмори од контактните леќи или од компјутерот и неколку пати да става суви, топли облози на окото (на пример, газа намокрена во топла вода, којашто претходно ќе биде добро исцедена), бидејќи топлината го стимулира лачењето на масниот дел од солзите, а тоа овозможува добро ,,подмачкување на окото. Настојувајте да ги проветрувате просориите во коишто подолго време престојувате и носете очила за сонце кога излегувате надвор, со цел да ги заштитите очите од ветрот. Кај потешките облици на суво око можат да помогнат вештачките солзи, кои содржат вода и масни компоненти. Не постојат пречки во тоа да се повторува ваквото лекување, иако добро е и да се појде на офталмолошки преглед, за да се исклучат споменатите болести како можна причина.

 

Совети за превенција и ублажување на сувоста на очите

 

Поставување на мониторот – Ако работите на компјутер, гледајте екранот да биде прилагоден така што да не ги заморува очите – поставен пред вас, на 10 до 20 степени под нивото на окото, така што да гледате малку надолу. Така очите помалку ќе се сушат.

 

Внимателност – Не ги мијте очите со камилица и не ставајте облози кои можат да ја изиритираат слузницата на окото. Ако на рабовите се нафатат кори или наутро се будите со залепени капаци, мијте ги рабовите еднаш до два пати на ден со нежен детски шампон.

 

Само вода – Одбегнувајте окото да го миете со што било друго освен со вода, посебно не со чај од камилица, кој го супи окото. Исто така, одбегнувајте шминки, како моливи за очи и тушеви, барем додека се изразени симптомите и поголема е можноста да дојде до инфекција.

 

Трепкајте – Не заборавајте почесто да трепкате, односно да правите редовни паузи за време на кои на неколку секунди ќе замижите, па ќе ги отворите очите, со цел да се поттикне нивното природно влажнење.

 

Ако симптомите на суво око не поминуваат ниту со мерките на превенција и самопомош, или ако се влошуваат и се појави црвенило и секрет во нив, тогаш задолжително е да се појде на преглед кај доктор офтамолог.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина