Овесот не е намирница вообичаена во исхраната на нашето поднебје. Понекогаш го користиме, и тоа кога сакаме да ослабнеме или кога некаде ќе прочитаме за неговите својства врз зравјето. Тогаш воглавно се користат овесни снегулки или инстант овесни каши.

Што се овесните трици?

Самото име кажува дека тие се добиени од овес и зоб. Овесот е многу хранлива житарка, која е многу заборавена кај нас и потценета. Триците се дел од овесното зрно, кое се наоѓа веднаш под неговата обвивка која не се јаде.

Важноста на влакната во исхраната

Влакната во исхраната се еден дел од намирниците кои ги консумираме и претежно се од растително потекло. Постојат влакна кои се растворливи и такви кои не се растворливи. Растворливите го забавуваат варењето и даваат чувство на ситост, додека нерастворливите имаат спротивен ефект, потешко се варат, го забрзуваат варењето и минувањето нивни низ цревата.

Повеќето од нас не внесуваат доволно влакна преку исхраната. Според препораките на докторите, треба да се внесуваат 25 грама влакна дневно, но голем дел од луѓето внесуваат само околу 15 грама. Триците се едноставен и брз начин за на нашата исхрана да ја додадеме таа количина која недостасува. Сигурно дека нема преку ноќ да забележите чуда. Овесните трици не се лек ниту имаат волшебни својства со инстант резултати. Сепак, бројни истражувања се имаат занимавано со нивното влијание врз нашето здравје во целост. За да дојде до тоа, неопходно е тие да станат дел од секојдневната навика, а не само дел од привремената грижа за здравјето.

Здравствени предности на овесните трици

Овесните трици го подобруваат варењето и спречуваат да се појави запек, но имаат и други бројни здравствени предности.

  1. Намалување на нивото на лошиот холестерол. Истражувањата покажале дека растворливите влакна во овесните трици влијаат на намалувањето на лошиот холестерол. Кога ќе се најдат во цревата, тие на некој начин се закачуваат за холестеролот и на тој начин спречуваат тој да се апсорбира во крвотокот. На тој начин телото само го исфрла лошиот холестерол преку столицата. Вишок лош холестерол не е добар за здравјето. Тој се трупа во артериите во вид на наслојки и го спечува нормалниот ток на крвта. Крвотокот е мрежа од меѓусебно поврзани крвни садови и срце. Застојот во еден дел може да доведе до проблеми во функционирањето на целиот ситем на крвотокот, проблеми со срцето и со висок крвен притисок.
  2. Намалување на ризикот од појава на дијабетесОвесните трици го забавуваат варењето на јагленохидратите, па со тоа ја намалуваат и брзината со која шеќерот влегува во крвотокот. Така телото има повеќе време за да се избори со вишокот шеќер. Се смета исто така и дека тие ја зголемуваат чувствителноста на инсулин, со што директно влијаат на остранување на вишокот шеќер од крвта. На тој начин се важен фактор кој го намалува ризикот од појавата на дијабетесот.
  3. Подобрување на работата на имунолошкиот систем. Бета глуканот, кој е дел од растворливите влакна во овесните трици, ја поттикнува работата на имунолошкиот систем и се бори со непожелните бактерии и габи во гастроинтестиналниот систем. На тој начин тие влијаат на здравјето и отпорноста на организмот во целост.
  4. Се намалува ризикот од појава на рак на дојката кај жените. Истражувања во Велика Британија покажале дека жените кои консумирале барем 13 грама влакна од интегралните житарки, го намалуваат ризикот од појава на рак на дојката за 41%, за разлика од оние кои консумирале само по 4 грама влакна или помалку.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина