Пред неколку години во нашите кујни влезе власецот. Тој е познат како ,,помлад брат на лукот,,. И, навистина тоа и е. Власецот му припаѓа на семејството лилјани, исто како и кромидот и лукот, иако поинаку се јаде и има поароматичен вкус од лукот, на кој се имаме навикнато. Во традиционалната кујна не е толку застапен, бидејќи не потекнува од нашите простори. А, во светот се јаде уште од средниот век, иако неговото потекло не е сосема јасно.

Пред да почне да се одгледува под пластеници ширум светот, власецот бил самоникнато растение. Некои податоци кажуваат дека овој ароматичен зачин води потекло од алпскиот дел на Европа, додека други тврдат дека потекнува од Средна Азија и Северна Америка и дека во Европа стигнал преку патиштата на свилата, благодарение на Марко Поло. Но, без разлика од каде стигнал, ливчињата на власецот денес се незаобиколен украс и зачин во многу јадења во различни светски кујни.

Што го разликува од лукот?

На прво место тоа е неговиот вкус. Власецот има поароматичен и помалку лут вкус од лукот и празот, поради што многу често се користи како зачинско растение. Во однос на другите луковици, кај власецот коренот не се јаде. Од него се користат само листовите, и тоа свежи. Ако сакате да го употребите следниот ден, треба да се замота во мокра крпа и да се остави во фрижидер. Никако не смее да стои во вода, бидејќи ќе ја впие и ќе стане многу мек.

Што содржи?

Во однос на другите видови лук, власецот е исклучително богат со бета – каротен. Тенките зелени листови содржат многу витамини А и Ц, малку помалку витамин Б и минерали фосфор и железо. Во 100 грама власец има 0,7 грама масти, 4,4 грама јагленохидрати, 3,3 грама протеини и 0 грама холестерол.

Зошто треба да го јадеме?

Постојат многу причини. Освен што има антибактериско, антивирусно и антиалергиско дејство, важна карактеристика на ова зелено растение е тоа што му помага на црниот дроб да ги исфрли токсините од телото. Со самото тоа го подобрува варењето, но и ја намалува количината на шеќер во крвта, така што ја спречува деградацијата на инсулинот. Исто така, го спречува задржувањето на водата во ткивата, а неколку истражувања покажале и дека има позитивно влијание врз изгледот, бидејќи содржи сулфурни соединенија кои ја прават кожата помлада.

 

Како се јаде?

За јадење и како зачин најчесто се употребуваат ситно исецкани листови, но можат да се користат и цели. Ситно сецкан, за добивање убава арома, го користат многу светски кујни. Долгото готвење му ја уништува неговата специфична арома, па затоа најдобро е да се додава кон крајот на јадењето или непосредно пред служењето.

Како зачин, свое место има во супите, јадењата од зеленчук и сосови, студени јадења и како додаток во салатите, јадења со компири или едноставно малку насецкан преку парче леб намачкано со путер.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина