Некои помалку познати правила за здрава исхрана
Некои од правилата за здрава исхрана им се познати на сите и толку се повторуваат што е речиси невозможно да не знаете дека премногу шеќери и масти негативно влијаат на здравјето и линијата.
Но, како изгледаат правилата на исхраната кои се потврдени со научни истражувања? Родни Билтон, професор по биохемија на универзитетот во Ливерпул, поминал 15 години истражувајќи кои намирници треба да се јадат и како, за да останете здрави и витки.
Она што Билтон го открил, можеби ќе ве изненади и ќе ве натера да промените некои навики во исхраната!
Јадете незрели банани
Зелените банани, како и житарките од цели зрна, зеленчукот и растителните влакна, содржат отпорен скроб. Тоа е најдобриот облик на влакна, кои побавно се апсорбираат и даваат повеќе енергија. И покрај тоа што припаѓа во јаглехидрати, овој вид на скроб не го подигнува нивото на шеќер во крвта и не претставува ризична храна за дијабетичари. Исто така, скробот од зелените банани го активира лачењето на хормонот глукагон, кој го поттикнува организмот побрзо да согорува масти.
Не правете пире од компири
Ако внесот на шеќери го сведете на минимум, поголема е веројатноста и дека ќе постигнете и ќе ја одржувате витката линија. Начинот на кој ја подготвуваме храната влијае на тоа колку шеќер ќе консумираме. На пример, можете да внесете во организмот дури 25 проценти повеќе шеќери од компирите, доколку ги свариме и направиме пире. Компирите и другите јаглехидрати содржат многу скроб. Кога скробот ќе се свари и се прави пире, повеќе скроб се претвора во шеќер, во споредба со другите начини на подготовка на компири.
Тоа не е случај само со компирите. На пример, повеќе шеќери од јаболките ќе внесете доколку ги сварите и направите од нив каша или сок, отколку ако ги јадете во свежа форма.
Пијте вода и намалете ги болките во ‘рбетот
Според истражувањата, дури 75 проценти од луѓето внесуваат помалку течности во организмот од препорачаната дневна доза. Тоа не влијае само на линијата, туку и на болките. Всушност, научните истражувања покажуваат дека 8-10 чаши вода дневно можат да ги намалат болките во ‘рбетот и зглобовите кај 80 проценти од мажите. Тоа е затоа што во случај на дехидратација, течноста во зглобовите станува погуста и се формираат кристали на урична киселина, што нормално се исфрла преку урината. Така можат да настанат болки во зглобовите.
Освен доброто влијание врз здравјето, водата го забрзува метаболизмот и има позитивно влијание врз вашата линија. Истражувањето, кое беше објавено во 1999 година, во стручното списание “International Journal of Cancer”, покажало дека пиењето пет чаши вода дневно може да го намали ризикот од рак на дебелото црево за 92 проценти.
Добрата хидратација го зголемува протокот на крв низ црниот дроб, со што потенцијално канцерогените супстанции побрзо се елиминираат од организмот.
Овошните шејкови кријат опасност
Нашето тело има ограничен капацитет да ги прифати високите нивоа на фруктоза – шеќер кој е присутен во овошниот шејк или смути, но исто така и другите засладувачи кои се користат за подготовката на десертите. Високото ниво на фруктоза влијае на производството на инсулин, па прекумерното внесување може да предизвика дебелина и дијабетес тип 2.
Внимателно со тофу сирењето
Кај луѓето кои внесувањето на протеини од месото потполно ги заменуваат со тофу сирење, може да се јави недостаток на минерални. Оваа намирница се прави од зрна соја, која содржи супстанција која се вика фитична киселина. Таа може да ја блокира апсорпцијата на важни минерали како што се калциум, магнезиум, бакар, железо и цинк. Во Јапонија, заедно со оваа намирница, се јадат намирници како мисоа и натоа, кои се ферментираат со бактеријата Basillus subtilis, бидејќи оваа бактерија значително го намалува нивото на фитична киселина.
Јадете како луѓето од племето Масаи
Веќе подолго време владее мислењето дека премногу масната храна предизвикува дебелина. Како последица на тоа, луѓето се повеќе консумираат преработена храна и јаглехидрати. Сепак, исхраната на некои луѓе изобилува со масти, а тие се сепак здрави. Членовите на племињата во Источна Африка, како што се на пример Масаите, дневно внесуваат и до 400 грама животински масти, додека во Велика Британија се препорачуваат 60 грама масти дневно. Луѓето од племето Масаи имаат низок холестерол и не страдаат од срцеви заболувања.