Мечкината шепа е одличен зеленчук, кое може да ја понуди секоја кујна. Кога би се продавал на пазар, љубителите на земјоделски деликатеси сигурно ќе го разграбаат. Ова растение сега е достапно само на најголемиот ,,пазар,, на светот: на ливадите, каде што толку е често, што може да се набере во огромни количини. Вака ја има претставено во својата книга ,,Дива храна,, словенечкиот автор Дарио Кортезе, а на нас останува само да се сложиме со неговото мислење. Мечкината шепа е широко распространето крупно двогодишно растение, понекогаш и до 2 метри високо, со многу големи листови, кои на рабовите се назабени и обраснати со остри влакна. Луѓето често го забележуваат, најмногу поради неговите димензии, и прашуваат како се вика. Цвета преку цело лето, па и во есен. Цветовите се бели и воочливи. Му припаѓа на истото семејство на кое припаѓаат и морковот, магдоносот и кимот. Иако е крупно и воочливо, не би рекле дека е така. Напротив, некако е дискретно и сталожено, но тоа не е лежерност, туку повеќе подготвеност за акција. Од тука не зачудува што името го добило по Херакле, најсилниот херој на стара Грција.
 

Во Европа и Азија, па и кај нас, растат повеќе подвидови од Мечкината шепа. Иако се разликуваат по големината и обликот на листовите, неодоливо личат едни со други. Можат да се најдат по планините и на ливадите, воглавно на влажни места, по грмушки, покрај реки, потоци и патишта. Некаде, Мечкината шепа ја одгледуваат и како градинарска култура. Се користи како народен лек за јакнење на апетитот, против дијареја проследена со грчеви и напнувања, како и против катар на цревата. Клиничките истражувања покажале дека делува на снижување на високиот кревен притисок, без штетни последици врз срцевиот мускул. Делува и врз ширење на периферните крвни садови, го поттикнува излачувањето на урината и ја чисти крвта. Некои го сметаат за ефикасен афродизијак, а облогите од иситнетото растение (лисјата и коренот) лекуваат чиреви и убоди од инсекти.
Надземниот дел од Мечкината шепа се користи за подготвување на супа. Освен тоа, младите листови и младите цветни стебленца (со се уште неотворени цветови) можат да послужат за салати, чорби и варила. Поради неговиот силен мирис, може да се користи во комбинација со други лисјести растенија, како коприва, лобода, зелје и др.
Цветните стебленца се слатки, мирисаат на целер и можат да се јадат и сирови. Семето од Мечкината шепа се користи како зачин, додека коренот содржи многу шеќер и скроб и може да се јаде на есен првата година, а на пролет втората година, пред да се развие цветната рачка.

Во народната медицина, коренот од ова растение се користи како лек против лошо варење и епилепсија. За таа цел, една лажичка сув иситнет корен се прелева со половина литар студена вода и се остава да отстои прек ноќ. Следниот ден се цеди течноста и се пие во голтки преку целиот ден.

Салата од мечкина шепа

Листовите се сецкаат во блендер или се попаруваат со врела вода и се сецкаат со нож. Се прелеваат со јогурт или кисела павлака, се зачинуваат со сецкан млад лук и морска сол.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина