Трновитата грмушка облепиха (лат. Hippophae rhamnoides), со привлечни сиво – зелени листови, расте и до шест метри, а илјадници години е составен дел од традиционалната медицина на народот од Тибет. Поради исклучителните лековити состојки на плодот, во светот е позната и како “чудотворна бобинка“. Кај нас е позната како волчји или кучешки трн. Местото на потекло и е Непал, но денес се одгледува ширум Азија (Јапонија) и Европа. Исклучително е привлечна во есенските денови, кога гранките се преполни со портокалови плодови, кои остануваат дури и кога ќе стегне мразот. Многу е отпорна, па погодна е за одгледување и во лоши климатски услови. Не бара прихранување ниту наводнување, а со коренот цврсто се врзува за земјата и спречува ерозија. Плодот има пријатен, киселкаст вкус и од него се прават одлични сокови, вкусни џемови и вина. Единствена е и поради содржината на масло, кое на Тибет го нарекуваат “масло на животот“. Содржи дури 190 фитонутриенти и биоактивни супстанции, ги поседува сите важни минерали и витамини, поради што е важен антиоксиданс. Портокалово – црвената боја на маслото потекнува од високата концентрација на бета – каротен.

Го викаат и “течен витамин A”, бидејќи има 3 пати од овој витамин од морковот, но и 10 пати повеќе витамин Ц од портокалите, а витамин Е најмногу од сите овошја. Маслото и е богато со фолна киселина (витамин B9), која има клучна важност за регенерација на ДНК. Единствено е растително масло кое истовремено содржи омега масни киселини 3, 6 и 9, но и ретката омега-7 масна киселина. Поради тоа е вистински еликсир во борбата против појава на брчки, губење еластичност и други симптоми на стареење на кожата. Во козметичката индустрија служи за производство на лосиони, креми и други препарати за нега на кожата. Интересно е што ова масло го користат и руските космонаути за зачувување на кожата од изгореници и зрачења. Со оглед на тоа што поседува антибактериски својства и не предизвикува алергии ниту иритации, се препорачува за лекување егземи, дерматитис, осипи, лузни, изгореници и псоријаза. Елиминира перут и себореја, влијае на пигментацијата на кожата и ги ублажува пегите. Ја јакне косата и помага за нејзина регенерација, посебно ако е оштетена и обоена. Го спречува опаѓањето и ги јакне фоликулите на влакната. Има поволно дејство и врз зачувување на когнитивните функции, односно ја подобрува работата на мозочните клетки.

Ефикасност има покажано кај лекување на дегенеративните невролошки болести, кога доаѓа до влошување на моторичките способности. Лекува гастритис и други болести на желудникот и на дванаестпалачното црево, ги смирува и воспалителните процеси на слузокожата на овие органи. Отстранува кандидијаза, ја поправа нарушената вагинална микрофлора, лекува разни воспаленија и други гинеколошки проблеми. Го доведува имунолошкиот систем во рамнотежа, делува против замор и стрес, а помага и во создавање на ензимите, кои ги согоруваат масните наслаги при прекумерни килограми. Го намалува нивото на холестерол и шеќер, го штити црниот дроб и го засилува метаболизмот. Ја зголемува еластичноста на крвните садови, па со редовно консумирање на оваа грмушка тие стануваат посилни и помалку склони на пукање. На тој начин се спречува да дојде до артериосклероза и кардиоваскуларни болести.

Кај разни очни проблеми се користи во вид на капки или масло. Витаминот А од ова растение учествува во синтезата на очниот пигмент родопсин, додека витаминот Ц и флавоноидите ја подобруваат циркулацијата на окото и го намалуваат очниот притисок. Здружени, витамините A и E ги намалуваат воспалителните процеси на очите и го штитат ткивото од слободните радикали. Маслото е посебно ефикасно во превенција од настанок на катаракта, глауком, дијабетска ретинопатија и макуларна дегенерација.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина