Дрункорексија – што е и како се лекува
Комбинацијата од анорексија и алкохолизам е се поприсутно нарушување во исхраната кај младите. По истражувањата спроведени на Универзитеот Мисури, САД, заклучено е дека дрункорексијата најпрво се појавила во американските студентски кампуси, а потоа се проширила низ Европа. Се претпоставува дека дури 30% од младите, на возраст од 18 до 24 години, и тоа најчесто понежниот пол, се жртви на овој феномен.
ПРИЧИНИ
Со оглед на тоа дека алкохолот е високо калоричен, оние кои не сакаат да се здебелат, но и кои не сакаат да се откажат од аперитивите и коктелите, одлучуваат да ја намалат количината на внесена храна. А, бидејќи, исто така, кај понежниот пол постои опсесија за телесната тежина, најчесто девојките се склони кон оваа навика.
Ова нарушување совршено им одговара на оние кои не сакаат да вежбаат, а кои сакаат да останат слаби и згора на тоа да се забавуваат, поточно да пијат, и тоа неумерено пиење. И, не само тоа: голем број анорексични девојки, опседнати со броење на внесените калории, пијат огромни количини алкохол, бидејќи на тој начин успеваат да ја намалат нервозата и грижата на совест поради начинот на живот. Алкохолот помага и да се ублажи чувството на глад, но и да имаат оправдување за повраќање, нешто што е карактеристично за оние кои имаат нарушувања во исхраната. Освен тоа, алкохолните пијалоци станаат се попривлечни благодарение на маркетингот, посебно кај девојките, кои се одушевени што постојат т.н. (girlie) девојчински пијалоци, со силни бои, слатки и во интересни пакувања на кои се наоѓаат ликовите од омилените анимирани филмови, на пример. Но, сепак не смее да се заборави дека се работи за алкохол.
СИМПТОМИ
Дрункорексијата се манифестира со препознатливи симптоми, па стручњаците имаат подготвено листа со нејзините препознатливи симптоми. Како прво, иако се работи за внесување течности, дрункорексијата апсолутно спаѓа во нарушување на исхраната, бидејќи влијание на прехранбените навики во однос на храната. Оние кои имаат вакво нарушување редовно ги прескокнуваат оброците, најчесто навечер, за подоцна кога ќе излезат од дома да ја задоволат желбата за храна со неконтролирано внесување алкохол. Жртвите на ова нарушување се опседнати со консумирање на храна, поточно се многу внимателни и заинтересирани за количината на калории, за содржината од етикетите на производите, тежината на оброкот и состојките на намирниците. Кога ќе се внесе претерано алкохол, жртвата почнува да покажува знаци на расејаност, променливо расположение, се поти, има повишена температура и т.н. Како и кај зависниците од дрога, дрункорексичарот троши многу повеќе пари отколку што материјалната состојба му го дозволува тоа, без прифатливо објаснување.
ШТО ДА СЕ ПРЕЗЕМЕ?
Како и кај сите видови нарушувања во исхраната, така и во случајот на дрункорексијата најдобро е да се побара помош од стручњаци за зависност. Самостојното решавање на проблемот може да биде контрапродуктивно, а најблиските членови на семејството речиси никогаш не се во состојба за правилно да се носат со ситуацијата. Значи, што побрзо треба да се најде стручњак, а решавањето на проблемот е индивидуално, во зависност колку време трае проблемот, колку е тежок, како и колкави се физичката и психичката подготвеност на зависникот за да учествува во решавање на проблемот. Во секој случај, решавањето на овој се пораширен здравствен проблем кај младите бара ангажирање на тим од стручњаци, во кој ќе има задолжително и психолог.


