Дали дебелеат вештачките засладувачи?
Вештачките засладувачи се синтетичка замена за шеќерот, но можат да се добијат и со производство од некои растенија кои природно содржат шеќери. Сите вештачки засладувачи се многу пати послатки од обичниот шеќер и потребна е само мала количина вештачки засладувачи за да се замени една лажица шеќер. Тие немаат калориска вредност и се со карактеристичен вкус. Така, по консумирањето, сахаринот има слатко – горчлив вкус, а тауматинот вкус на бонбона. За да се одбегне лошиот метален вкус, засладувачите меѓусебно се мешаат и така го поправаат и надополнуваат вкусот на останатите. Вештачките засладувачи поради тоа не треба да се користат во преголеми количини.
Денес, засладувачите можат да се најдат во голем број разни производи, од диетални пијалоци, преку гуми за џвакање, слатки, сладоледи, сокови и протеински суплементи. Покрај тоа, природните замени за шеќер можат да бидат подеднакво добри, ако не и подобри опции на замени за шеќер, со оглед на тоа што имаат помалку калории. Во секој случај, ниту еден вештачки засладувач не е природна замена за шеќер и не е пат до подобар изглед.
Видови вештачки засладувачи
Дозволени вештачки засладувачи се:
-
калиум ацесулфам
-
аспартам
-
неотам
-
сахарин
-
сукралоза
Покрај овие, цикламатот е одобрен за користење само во некои држави.
Добрата страна на вештачките засладувачи е тоа што содржат нула калории, што е некогаш важно. Така, чаша вода (2 дл.) засладена со шеќер има 65 калории, а една засладена лимонада содржи само 15 калории. Една лажичка шеќер (5 гр.) има околу 20 калории, а таблетата од засладувачот речиси ниедна калорија. Ако се обидувате да ги намалите бројот на калории и количината на едноставни шеќери, тогаш засладувачите можат да бидат една од опциите. Здравствените бенефити од вештачките засладувачи можат да се воочат при контрола на телесната тежина, дијабетесот и кариесот.
Лошите страни на вештачките засладувачи се честа дебата, а некои дури се поврзуваат и со создавањето на туморите, што повторно е последица на едно истражување од пред 40 години, каде е откриена поврзаноста на сахаринот со туморот на мокрачниот меур кај стаорците. Резултатите од ова истражување досега не се повторени, и затоа се смета дека до сега не постојат доволно податоци за да се забранат вештачките засладувачи. Воглавно, повеќето истражувања се согласуваат со тоа дека вештачките засладувачи се безбедни за употреба. Сепак, за секој засладувач постои дозволена дневна количина, која за околу 100 пати е помала од онаа за која се смета дека може да доведе до здравствени проблеми.
Според неодамнешното истражување на израелските истражувачи, вештачките засладувачи можат да го потпомогнат развојот на дијабетес и дебелина. Вештачките засладувачи сега се повеќе ги има во “диеталните” пијалоци и храна, во разните производи “без шеќер”, како што се гумите за џвакање, безалкохолните пијалоци, бисквитите, чоколадите, јогуртите и сладоледите. Иако некои студии ги поддржуваат тврдењата дека вештачките засладувачи помалку го подигаат нивото на шеќер во крвта и дека затоа треба да се користат за време на диетите и за превенција на дијабетесот тип 2, раните истражувања веќе имаат докажано дека некои вештачки засладувачи, како што е сукралозата, се поврзуваат со зголемените нивоа на гликоза и на инсулинот.
Во веќе споменатото израелско истражување, научниците испитувале како вештачките засладувачи влијаеле врз метаболизмот на стаорците. Во текот на 11 недели, на една група стаорци им се давал пијалок со засладувачи (сахарин, сукралоза или аспартам) и со гликоза, додека другата група пиела само вода или вода со шеќер. Научниците дошле до заклучок дека групата стаорци која пиеле вода со засладувачи и гликоза развиле интолеранција на гликоза (покачено ниво на шеќер во крвта), додека тоа не се случило кај другата група на стаорци. Било утврдено дека до овој ефект дошло поради нарушување на цревната флора т.е. на неколку групи бактерии кои се поврзуваат со дијабетесот тип 2 кај луѓето.
Израелските истражувачи во текот на клиничкото истражување за ефектите на повеќенеделното користење на вештачките засладувачи кај недијабетичарите заклучиле дека постои поврзаност помеѓу нивното долготрајно консумирање и зголемената телесна тежина, зголемениот обем на половината и колковите и зголемените нивоа на гликоза на гладно и гликозираниот хемоглобин. Врз основа на овие резултати, научниците заклучиле дека вештачките засладувачи ја поттикнуваат дебелината и развојот на дијабетес, иако првобитната цел им била да се борат против здравствените проблеми.


