Стресот, заморот, недостигот на сон, алергиите и силните мириси се само некои од причините за главоболка. Според податоците од Светската здравствена организација, околу 50% од населението страда од оваа болест. Кај жените во 60% од случаите причина за главоболките е од хормонски тип. Но, без разлика на нејзиното потекло, извесно е дека многу ги отежнува секојдневните активности. Стручњаците советуват дека на првите знаци на главоболка не треба веднаш да се посега по аналгетици, туку прво со докторски преглед треба да се утврди за каков тип на главоболка се работи. Дури после тоа следува терапија. А како прва помош можат да ни послужат природните лекови, кои ем се вкусни, ем проверено ја отстрануваат болката.

 

Чај од ѓумбир

Ѓумбирот со векови се употребува и како зачин, и како лек. Со оглед на тоа што ја спречува синтезата на простагландин, состојката на масните киселини која предизвикува болка преку делување на нервните завршетоци, ја олеснува и главоболката, ги опушта крвните садови и ја ублажува мачнината, која често е пратечки елемент на главоболките.
Се сецкаат два – три сантиметри корен од ѓумбир и се прелеваат со два филџани вода. Се покрива и се остава да отстои 30 минути. Овој лек може да се користе секојдневно и како превенција, бидејќи нема несакани дејства.

Чај од рузмарин

Рузмаринот е добар антиоксиданс, а покрај тоа има антисептично, антибиотско и седативно дејство. Делува поволно врз кожата, органите за дишење, нервите, стомакот, цревата, крвните садови и имунолошкиот систем. Лековитиот дел на ова растение се наоѓа во неговите ливчиња. Во народната медицина најчесто се користи како средство за подобра циркулација и за подигање на крвниот притисок, а проверен е и во борбата против главоболките.
Лажичка сув рузмарин се прелева со 250 милилитри врела вода, се остава да отстои 10 минути, се процедува и се пие.

 

Чај од кантарион

Благородното дејство на кантарионот е познато од дамнина, а ефикасно отстранува и главоболка, посебно онаа која е предизвикана од стрес. Една лажичка сув кантарион се прелева со 200 милилитри врела вода, се остава да отстои 10 минути, се процедува и се пие во мали голтки во текот на денот. Покрај тоа, овој чај го поправа и расположението.

 

Чај од камилица

Позната како седатив, камилицата содржи состојки кои помагаат во ублажување на болката и кои опуштаат. Ова е еден од најбезбедните чаеви против главоболки, а пожелно е да се пие секојдневно за општо добро на организмот. Една вреќичка од овој чај се прелева со врела вода и се остава да отстои 10 минути. По потреба, полуоладениот чај се засладува со мед. Се пие полека, со уживање.

 

Чај од цимет

Циметот е извор на манган, железо, влакна и калциум. Исклучително е ефиксен во борбата против главоболки.
Едно стапче цимет или лажичка цимет во прав се прелева со врела вода. Се покрива и се остава да отстои 10 минути. По желба може да се додаде една кесичка од омилениот чај. Се остава да отстои неколку минути. Се засладува по вкус и се пие, но не повеќе од три филџани дневно.

Чај од лаванда

Познато е дека чајот од лаванда ја намалува и отстранува напнатоста, чувството на вознемиреност, нервозата и сите слични состојби на нив. Со оглед на тоа што во повеќето случаи главоболките се појавуваат како последица на присуството на некое од споменативе состојби, таа автоматски ќе исчезне откако ќе го консумирате овој чај.

Една рамна лажичка сушена лаванда се прелева со врела вода, а потоа се поклопува и се остава да отстои 10 минути. Потоа чајот се процедува и се пие во мали голтки.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина