Белото вино ја зголемува опасноста од смртоносни болести?
Консумирањето на само една мала чаша бело вино дневно може да го зголеми ризикот од развој на меланом за 13%, покажало истражувањето кое го имаат спроведено од американскиот Универзитет Браун.
Меланом е облик на малиген тумор кој својот разорувачки пат низ телото го започнува во меланоцитите, клетките кои ја бојат кожата, односно кои го произведуваат пигментот меланин. На кожата човекот веќе има многу од пигментот меланин, а тоа се младежите. Меланомот е значајно помалку застапен од останатите видови рак на кожата, но е посмртоносен. Професорката по дерматологија и епидемиологија од Универзитетот Браун, Аујонг Чо и нејзините колеги неодамна во списанието Cancer Epidemiology, Biomarkers and Prevention ги објавиле резултатите од истражувањето за поврзаноста на консумирањето бело вино и меланомите.
Уште од одамна е познато дека појавата на рак на кожата е поврзано со претераното изложување на ултравиолетовите зраци, но резултатите од американската студија ги изненадиле и самите научници.
Ацеталалдехидите ја оштетуваат ДНК
– Се изненадивме кога утврдивме дека белото вино е едиствениот пијалок кој се поврзува со зголемениот ризик од настанок на меланоми. Засега, причината за тоа е непозната.
Но, истражувањата покажале дека некои видови бело вино имаат поголемо ниво на ацеталдехиди од црното вино, пивото и ликерот. Иако и белото и црното вино содржат слична количина ацеталдехиди, се чини дека полифенолите (антиоксиданси) кои се содржат во црното вино ја неутрализираат опасноста. Познато е дека ацеталдехидите ја оштетуваат ДНК.
За време на истражувањето, Чо и нејзините колеги анализирале податоци од три големи студии во кои учествувале вкупно 210.252 возрасни луѓе. Од испитаниците се барало да потполнат прашалник за нивната исхрана и за количината и видот на алкохол кои ги консумираат.
Сметале дека стандардниот пијалок содржи 12,8 грама алкохол, а учесниците во ова испитување биле следени во текот на 18 години. Единицата алкохол се дефинира како 8 грама чист алкохол.
Помалку сонце и помалку бело вино
Чо и нејзиниот тим дошле и до еден друг необичен заклучок. Имено, меланомите кои се развиле на оние делови од телото кои биле помалку изложени на ултравиолетовите зраци почесто се поврзувале со консумирањето на бело вино. На пример, еден возрасен човек кој дневно во организмот внесувал најмалку 20 грама алкохол бил за 73% во поголема опасност да развие меланом на торзото, додека опасноста од појава на меланом на главата, екстремитетите и вратот изнесувала само 2%.
Умереното консумирање алкохол досега беше поврзувано со опасностите од развој на некои други болести, како што се, на пример, срцевите заболувања. Ризиците и добрите страни од консумирањето алкохол треба да се разгледаат индивудуално. Треба да се спроведат дополнителни истражувања за во целост да може да се објасни поврзаноста на развојот на меланоми и консумирањето на белото вино, иако во секој случај тоа треба да се стави на листата на карциноми кои се поврзани со консумирањето алкохол.


