4 здрави замени за грицки и слатки
На диета сте? Бројите калории и внимавате што јадете? Гледате чоколаден мафин, тегла со нутела, омилената чоколада или чипс и си викате дека од едно залче нема да има голема штета? Сепак, постојат слатки и грицки поради кои нема да имате грижа на совест доколку ги изедете.
1. Пудинг со вештачки засладувач
Да, токму така – сите состојки се исти, освен што шеќерот го менуваме со вештачка алтернатива. Ова, за жал, не е нутритивно најдобар избор, но кога се работи за броење на калориите или ПМС лудилото, овој мал сладок оброк совршено ќе ја заврши работата – ќе го залаже мозокот и ќе го наполни желудникот.
2. Пуканки
Ова вреди во случај да подготвувате пуканки без додавање на масло, путер, пармезан и други ,,подобрувачи на вкусот,,. Дамите кои поседуваат апарат за пуканки или микробранова слободно нека си дозволат на себе обични пуканки. Тие се одличен извор на влакна и антиоксиданси, а совршено го смируваат тажното ,,завивање,, на желудникот. Во еден филџан од овие пуканки има околу 30 калории, додека во 100 грама околу 380 калории.
3. Леден јогурт
Ледениот јогурт станува се популарна замена за сладоледот и другите слатки и не треба да биде резервиран за консумирање само преку летото. Кога сте во шеќерна криза и многу ви се јаде нешто слатко, само ѕирнете во замрзнувачот. Најважна е вашата воља за претходна подготовка. Купете мали калапи за сладолед на стапче или излијте ја смесата во силиконски калапи. Едноставно е – измешајте јогурт по желба со смрзнато овошје (на пример, вишните се добар избор) и со евентуален засладувач. Оставете ги во замрзнувач најмалку 3 часа, а најдобро преку ноќ. Така во кризни моменти нема да морате да губите време на подготовка, туку веднаш можете да уживате во леден десерт.
4. Посно сирење со цимет
Не сте љубител? Земете посно сирење, додајте му лажичка цимет и, по желба, додадете и засладувач и добро измешајте ги – ќе добиете вкусен и нискокалоричен десерт. Имено во 100 грама посно сирење има околу 66 калории. Циметот го намалува шеќерот во крвта и ве спасува од значително ,,безличниот,,вкус на посното сирење.


