Јадењата од соја во некои делови од светот се редовна исхрана веќе со илјадници години. И, тоа поради многу добра причина. Зрната од соја и јадењата кои се подготвуваат од нив нудат значително импресивен нутритивен профил. Како прво, сојата е потполн растителен протеин – таа содржи есенцијални аминокиселини кои се користат во производството на разни видови специјализирани протеински структури потребни за нашиот организам. Сојата не содржи многу заситени масни киселини и нема холестерол (растенијата не можат да произведуваат холестерол, само животните). Воведувањето на храна од соја во вашата исхрана може да го зголеми внесувањето на витамините, како фолната киселина и витаминот К, и на минералите, како калциумот, магнезиумот и железото. Тука се исто така и влакната, кои ги има во целото зрно од сојата. Сепак, некои луѓе ја одбегнуваат сојата затоа што сметаат дека содржи естроген.

Фитоестрогените не се естроген

Фитоестрогените се дел од природниот одбранбен систем на растенијата, а главна задача им е да ги штитат од штетните габи. Иако зрната на сојата најмногу ги содржат, сепак тие се наоѓаат и во јаткастите плодови, житарките од цело зрно, ленот, сусамот и во помали количини во некои овошја и зеленчуци, вклучувајчи ги јаболката, морковите и слаткиот компир. Тие не се исто што и естрогенот.

Се чини дека заблудата потекнува од фактот дека сојата (а и многу друга храна) содржи природни растителни состојки кои се нарекуваат изофлавони, а кои се вбројуваат во ,,фитоестрогени,,. Така, штом луѓето ќе го слушнат ова, веднаш се откажуваат да употребуваат соја во исхраната, бидејќи не сакаат нивниот организам да биде изложен на преголема количина на естроген. Но, изофлавоните се нарекуваат фитоестрогени поради нивната хемиска структура која е слична, но не и еднаква со хормонот естроген, кој го произведува телото. Од ова следи заклучокот дека фитоестрогените во сојата не се исто што е естрогенот создаден во телото и немаат еднаков ефект врз организмот.

Како делуваат фитоестрогените во организмот ?

Некои ткива во телото – мозокот, коските, срцето, белите дробови и простата, на пример, во своите клетки содржат структури кои се нарекуваат естрогенски рецептори. Овие рецептори си седат безработно во клетките се додека во нив не влезе естрогенот. Штом тој ќе влезе и ќе се врзе за рецепторот, тогаш тој може да почне да делува во клетката. Овде нештата малку се комплицираат. Всушност, постојат два вида на естрогенски рецептори, а природниот естроген во телото не е премногу пребирлив околу тоа со кој ќе се поврзе – и со задоволство ќе се поврзе и со двата вида на рецептори. Од друга страна, фитоестрогените, налик на изофлавонот во сојата, повеќе сакаат да се поврзат со еден вид на рецептор. Поради тоа тие се сосема различни од телесниот естроген. И тука лежи тајната на единственото делување на фитоестрогените: тие се однесуваат во некои ткива како естрогенот, додека во други можат да се замешаат во делувањето на телесниот естроген. Тоа значи дека овие растителни состојки можат да го имитираат делувањето на естрогенот во ткивата каде можат да бидат од полза, а во исто време можат да го попречат делувањето на естрогенот во другите ткива, каде намаленото изложување на естрогенот би можело да се смета за заштита.

Делувањето на изофлавините во човековото тело е детално проучувано и дојдено е до заклучок дека нема индикации дека консумирањето на сојата или на нејзините изофлавини во редовната исхрана претставува ризик за здравјето на човекот. Токму спротивно, истражувањата извршени во последните десеттина години укажуваат на заштитното делување на овие состојки.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина