Благодарение на напредните методи и технологиите за следење на бременоста, денес многу нешта се познати за развојот на плодот во стомакот на мајката. Со помош на ултразвукот 4Д, идната мајка може да види како нејзиното чедо се смее, се прозева, како го цица палецот… накратко, таа може да го следи развојот и растот на бебето од првиот ден во матката. А за сите девет месеци бебето се ,,нишка,, во воденото опкружување кое го нарекуваме плодова вода. За оваа животно важна течност дознаваме се повеќе детали, а знаењето за нејзиниот состав, количина и боја докторите го користат за да ги предвидат и спречат евентуалните потешкотии во бременоста. Од денот кога оплодената јајце – клетка ќе се смести во матката, таа е заштитена од сите надворешни влијанија. Зачетокот е заштитен од неколку обвивки, од кои онаа на матката е најцврста и најдебела. Следна е постелката, која го снабдува плодот со храна и кислород и која ги отстранува отпадните материи. На неа се надоврзува водењакот (амнионската кеса), кој почнува да се полни со вода штом ќе се формира папочната врвка. Од тогаш, па до породувањето, ова ,,водено гнездо,, ќе биде удобен дом на вашето неродено дете. Тоа плови во него и изведува ,,гимнастички вежби,,, но и остава траги врз основа на кои кои може да се утврди дека неговиот развој се одвива како што треба.

Но, што е всушност плодова вода? Станува збор за провидна и безбојна течност во кои се наоѓаат олупените клетки од кожата на бебето, заштитни мрснотии кои ги лачат лојните жлезди (кои ја штитат кожата на бебето од влијанието на водата), потоа белковини, јагленохидрати, минерали (калиум, калциум и натриум), хормони, супстанции кои предизвикуваат контракции на матката и кои делуваат на згуснување на крвта, знаци за компатибилност на Rh факторот со мајката, урина како и многу други материи врз основа на кои може да се дознаат многу информации за здравјето и развојот на плодот. На пример, врз основа на анализата на излачена урина, докторот може да утврди во каква состојба се нејзините бубрези. Стерилната урина е сигнал за тоа дека е се во ред со овие органи. Од друга страна, појавата на измет во плодовата вода претставува проблем кој укажува на хипоксија на плодот, а таа ситуација бара итна интервенција на доктор.

Дневно се создава од 400 до 1.000 мл. плодова вода, а нејзината вкупна количина зависи од големината на плодот и стадиумот на бременост. Механизмот на регулација на количината на плодова вода е многу сталожен. Во него, освен постелката, активно учествува и самото бебе: секој ден таа голта одредена количина плодова вода која потоа нејзините бубрези ја преработуваат и излачуваат. Сепак, постојат гранични вредности за количината на плодовата вода, па така нејзиниот вишок или недостиг укажува на одредени проблеми.

Вишокот на плодова вода (полихидрамнија) укажува на компликации кои обично се појавуваат помеѓу 21 и 37 недела од бременоста, а кои се поврзани со дијабетесот на мајката или со хемолитичка анемија, лоша работа на бубрезите на бебето, но и за повеќеплодна бременост кај која кај едниот плод има повеќе, додека кај другиот плод има помалку плодова вода. Во случаите на вишок плодова вода, матката врши дополнителен притисок на околните органи и трудницата дише отежнато, чувствува слабост, и отекуваат нозете поради намалена циркулација и чувствува болка и тежина во желудникот. Освен тоа, премногу плодова вода го отежнува наслушнувањето на срцевиот ритам на бебето.

Помалата количина плодова вода (олигохидрамнија) се поврзува со неправилната работа на бубрезите на бебто и уринарните патишта. Во таа ситуација бебето ограничено или воопшто не излачува урина во плодовата вода. Освен тоа, поради недостигот на простор се движи недоволно и тоа може да остави неповолни последици на развојот на неговиот скелет.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина