Во последно време за зелениот чај многу се зборува и пишува, а особено за неговите ефекти при слабеењето и детоксукацијата на организмот. Доколку и вие сте едни од оние кои не го обожуваат неговиот вкус и со сила го пијат, во прилог се неколку причини зошто би требало да го засакате овој божествен пијалок.

zelen caj_naslovna

Зелениот чај според легендата  потекнува од Кина и Јапонија од пред неколку илјадници години, а го открил кинескиот император Шен Нунг во 2750 година п.н.е.. Како и белиот и црниот чај, и зелениот потекнува од билката Camellia sinensis, а се разликува по методот на подготовка и обработка на листовите – зелениот веднаш по собирањето се обработува под водена пареа (според јапонската традиција) или, според кинеската традиција се пржи во тава со што се спречуваат оксидационите промени во листовите.

Зелениот чај има најголем ефект доколку е подготвен така што една лажичка чај се прелие со два децилитра зовриена вода, изладена до 70 степени целзиусови. Оставете го да отстои помеѓу две и пет минути, и пијте го незасладен, бидејќи во спротивно нема толку делотворен ефект.

Зелениот чај најчесто се консумира во Кина и Јапонија, каде што има и најниска стапка на рак, а најдолг животен век, потоа во Индија, некои делови на Африка, додека во остатокот од светот билката Camellia sinensis најчесто се пие како црн чај. Кај нас, како и во останатиот дел на Европа, луѓето полека ја усвојуваат навиката на пиење зелен чај, можеби повеќе од неопходност заради се поголемиот стрес, нездравата исхрана и брзиот начин на живот, отколку културата на пиење чај , бидејќи во нашата култура владее сеуште еден друг кофеински стимуланс – кафе.

Зелениот чај има над триста познати состојки, од кои најпознат е кофеинот, кој се содржи од 1-5 % во чајот, како и помали количини на други ксантански алкалоиди (теофилин, теобромин , диметилксантин , ксантин , аденин ) , полифеноли ( 5-27 %); содржи и Б витамини и аскорбинска киселина , етерични масла, протеини, хлорофил , органски киселини, аминокиселини , од кои се издвојува теанинот. Шолја чај содржи околу 50-100 mg кофеин и 300-400 mg полифеноли, кои се одговорни за антиоксидансните ефекти на чајот; влијае на зголемување на активноста на ензимите и детоксикациските процеси во тенкото црево , црниот дроб и белите дробови, а го спречува и дејството на ензимот урокиназа , кој ги храни клетките на ракот во организмот.

Зелениот чај пружа и превенција против појава на канцерогени клетки, така што го стопира  формирањето на нитрозамините , особено доколку се конзумира со оброкот. Научниците дошле до заклучок дека зелениот чај помага во спречување на ракот на белите дробови, ракот на гастроинтестиналниот тракт , како и оние видови на рак кои зависат од хормонот естроген, како што се ракот на дојката. Зелениот чај делува кај атеросклерозата, високиот холестерол , помага кај Кроновата болест, високото нови на триглицериди и го зајакнува имунолошкиот систем на целото тело.

Како еден од негативните ефекти од зелениот чај истражувачите го наведуваат само големото количество на кофеин, кој има големо влијание врз нервниот систем, па оттаму, може да предизвика анксиозност и несоница, особено ако дневно се конзумира повеќе од две чаши чај, што е потребно доколку сакаме чајот да има ефект. Неодамнешните истражувања ги потврдуваат предностите на зелениот чај заради аминокиселината L – теанин која се содржи, а која ја зголемува способноста за учење, ја подобрува концентрацијата, ги смирува нервите, го намалува крвниот притисок, го олеснува ПМС симптомите, а исто така за разлика од кафето, позитивните стимулансни ефекти на кофеинот траат подолго време. Исто така, некои научници сметаат дека поголеми количини на танин и катехин имаат спротивен ефект и може да влијаат на појава на рак на хранопроводот.

Теанинот влијае на зголемување на нивото на допамин во мозокот, кој расте со зголемувањето на чувството на задоволство. Делува на цревната микрофлора, уништувајќи ги несаканите бактерии, помага да се намалат воспаленијата во телото, може да помогне во спречувањето на појавата на забен камен и други бактерии кои предизвикуваат расипување на забите. Исто така, се препорачува за детоксикација на организмот, дејствува како облога за уморни и потечени очи, а во случаи на прекумерно изложување на сонце, помага при главоболки и спречување на болести на срцето и крвните садови.

Во продажба може да се најде во форма на чај, филтер кесички, листови, додека концентрат може да се најде во форма на таблети и разни капсули, може да се најде како екстракт за додаток во  храната, како зачин и како чај без кофеин за оние кои го консумираат во големи количини дневно. Оние кои земаат коагуланти , кои страдаат од несоница, висок крвен притисок , астма и проблеми со срцето, пред да пијат големи количини на зелен чај (повеќе од две шолји дневно ) треба да се консултираат со лекар. .