Редовното внесување на течности е несомнено важен дел од режимот за здрав стил на живот, посебно за време на топлите месеци. Хидратацијата е важна не само за кожата и убавината, туку и за нашето целокупно здравје. Една од клучните мерки за намалување на ризикот од мокрачни каменчиња е и оптималното консумирање течности. Меѓутоа, за да нема забуни, многу е важно и што пиеме.

Во новата студија, чии резултати се објавени на 15 мај 2013 година во списанието Clinical Journal of the American Society of Nephrology, биле следени 194.000 луѓе во период од 8 години. Собирани биле информации за нивниот начин на живот, болести, лекување, исхрана и течностите кои ги внесувале. Помеѓу останатото, биле добиени многу интересни резултати: оние кои консумирале дневно по една до две чашки засладени напитоци, имале за 23% поголем ризик од појава на мокрачни каменчиња, во споредба со оние кои не ги пиеле. Тоа важело како за традиционалните безалкохолни пијалоци, како што е лимонадата, така и за овошните сокови, со исклучок на портокалот. Повеќе студии покажале дека како превенција од уринарни каменчиња можат да се користат растителни чаеви или незасладен сок од портокал.

Но, старото и проверено правило кое се уште важи е дека најсигурна е обичната вода. Не заборавете секој ден да испиете по 6-8 чаши обична вода. Исто така, водете сметка дека за секој загубен килограм преку потењето, поради занимавање со спорт или поради топлина, испиете уште 4 чаши вода.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина