Денес е многу едноставно да се најдат програми за вежбање кои ќе ви помогнат во губењето на вишокот килограми, зацврстување на телото или одржување на кондицијата. Но, дали сте размислувале кој е најдобриот начин и мускулите на лицето да ви бидат во форма? Потрудете се да одделите неколку минути дневно, за и на лицето да му го овозможите потребниот фитнес!

Нашето лице има четириесет мускули. Иако работат секојдневно, со дополнителни вежби можете да им го зголемите тонусот, да добиете посјаен тен и да ги намалите брчките.

Пред да почнете со вежбите за лице, имајте на ум дека ќе изгледате значително смешно додека ги правите. Тоа значи дека не е особено препорачливо оваа гимнастика да биде групен тренинг. Најдобро е да вежбате сами, и тоа пред огледало, за да видите што правите и да не погрешите. Како и кај сите вежби, неколку минути дополнителна физичка активност на лицето дневно веќе ќе почне да се забележува веќе по неколку недели: кожата е позатегната и поцврста, тонусот на мускулите е подобар и сврзното ткиво е посилно. Вежбите го стимулираат лимфниот тек, па така и токсините побрзо ќе се исфрлаат. Не грижете се што пет минути дневно ќе бидете смешни, навистина вреди!

Подигнете ги веѓите

Веѓите се важна црта на лицето, бидејќи му даваат на лицето жив и буден изглед. Овој дел од веѓите можете на овој начин да го вежбате:

Чекор 1: врвовите од прстите на двете раце ставете ги под веѓите.

Чекор 2: движете ги веѓите кон долу и цврсто затворете ги очите. Повторувајте додека изброите до седум, отпуштете го притисокот и длабоко вдишете. Повторете го ова движење пет до седум пати.

За убави образи и јагодици

За да ги зацврстите мускулите на долниот дел од лицето и да ги избришете брчките околу усните, треба да ги вежбате аглите од усните, односно да го спречите нивното повлекување кон надолу. Еве едноставни упатства како да ги подигнете образите и да го задржите младешкиот изглед:

Чекор 1: зацврстете ги и подигнете ги аглите од усните, додека во исто време ги притискате мускулите на образите кон устата.

Чекор 2: средните прсти од двете раце ставете ги на брчките од страна на устата. Прво притиснете цврсто, а потоа понежно. Повторете неколку пати.

Ослободите се од подбрадокот

Следнава вежба ќе го реши проблемот со двојната брада, а треба да се прави еднаш дневно:

Чекор 1: држете го вратот цврсто, долната усна притиснете ја со горната и насмевнете се, а во исто време подигајте ги аглите на усните.

Чекор 2: Со помош на дланките неколку пати силно преминете околу делот кај брадата. За крај, опуштете ги мускулите и длабоко вдишете.

За мазно чело

Ставете ги прстите од двете раце на челото, така што да го покриете цело (прстите треба да се допираат на средина). Обидете се да се намуртите, а за сето тоа време влечете ја кожата од челото кон горе. Цврстиот притисок на прстите нема да дозволи кожата од челото да се набрчка. Држете ги мускулите во оваа положба шест до десет секунди, а потоа опуштете ги. Повторете ја вежбата четири пати.

Цврсти образи

Наполнете ја устата со воздух и надувајте ги образите за да бидат целосно округли, а потоа издишете. Повторете ја вежбата шест пати. Сега повторно надувајте ги образите и лесно тапкајте со прстите, полека испуштајќи го притоа воздухот. Повторете ја вежбата шест пати.

Свеж поглед

За да го зајакнете орбиталниот мускул, оној кој се наоѓа околу окото, со показалецот и палецот направете мал монокол околу окото. Показалецот ставете го под веѓите, а палецот на долниот капак. Обидете се да го затворите окото, а со прстите држете го отворено. Потоа трепнете неколку пати брзо. Повторете ја вежбата четири пати.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина