Сите сакаме да имаме здрава и бујна коса, па затоа не е ни чудо што нејзиното опаѓање или прогресивно тенчење може да има негативно влијание на нашата самодоверба.

Губењето на коса (алопеција) е чест проблем, малку повеќе кај мажите отколку кај жените, а можат да го предизвикаат безброј фактори, од кои најчести се: генетските фактори, хормонската неурамнотеженост, кожните заболувања, недостигот на хранливи материи во исхраната, хроничниот стрес, силната боја за коса, нус-појавите од одредени лекови и др.

Природното губење на косата најчесто се јавува како процес на стареење, кога фоликулите почнуваат да се собираат и да произведуваат потенка коса, со кус животен век. Меѓутоа, постојат и одредени начини како да се забави тој процес на опаѓање на косата, па дури и за забрзување на нејзиниот раст. Истражуваата покажуваат дека рузмаринот е значително добар во тој процес, најверојатно поради забрзувањето на циркулацијата на крвта на скалпот. Еве на кои се начини може да се користи за стимулирање на растот на косата.

Секојдневно шампонирање

За секојдневно негување на косата, во шампонот или регенераторот додајте есенцијално масло од рузмарин. Ставете по две капки од ова масло на секои 30 мл. шампон или регенератор. Ако не ја шампонирате секој ден косата, тогаш само нанесувајте регенератор: натопете ја косата, ставете од регенераторт и измијте ја како и вообичаено.

Секојдневна масажа

За секојдневна масажа која го стимулира растот на косата, две капки есенцијално масло од рузмарин се додаваат во 30 мл. масло од јојоба. Потоа втријте го маслото во скалпот и масирајте три минути. Потоа измијте ја косата.

Третман со топло масло еднаш седмично

Еднаш седмично употребувајте третман со топло масло. За овој третман се потребни 50 мл. масло од јојоба и пет капки масло од рузмарин. Измешајте ги двете масла во мала стаклена тегла којашто може да се затвори. Ставете ја теглата во тенџере со вода врела вода, оставете ја неколку минути, додека да се загрее маслото. Потоа постепено масирајте го скалпот неколку минути. Маслото треба да се втрие во сувиот скалп. Потрудете се од него да нанесете и на самата коса, се до врвовите. Ставете капа за туширање на косата или замотајте ја со пластична кеса, а потоа прекријте ја со уште потопла, влажна крпа. Откако ќе се олади првата крпа, заменете ја со нова. Така менувајте ги се додека не ја извадите капата или кесата од глава. Измијте ја косата по половина час до 45 минути и шампонирајте ја со благ шампон. Најдобро да се користи детски.

Напомена: Есенцијалното масло од рузмарин не им се препорачува на оние кои патат од висок крвен притисок.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина