Грчеви или на латински контракции, претставуваат стегање и отпуштање на мускулите на матката, до кои доаѓа под влијание на одредени хормони, што доведува до истискување на бебето од матката. Кога ќе дојде до породување, постојат два вида на трудови, кои траат подолго, за време на првата фаза на породувањето и кои стануваат се посилно и посилни, за на крајот дa станат напони, кои во втората фаза доведуваат до излегување на бебето.
Под влијание на одредени хормони и контракции, грлото на матката се менува на неколку начини – омекнува и се скратува, за на крајот да се израмни со долниот дел на матката, и истовремено се шири, и од целосно затворен станува 10 см отворен, пред самиот крај на породувањето.

На половина од бременоста или дури можеби и порано трудниците можат да почувствуваат мускулно стегање на матката. Ако притоа го притиснат стомакот кога ќе го почувствуваат ова стегање, ќе забележат како стомакот им станува многу тврд. Овие контракции или стегање на матката се нарекуваат Бракстон – Хиксови, траат околу половина минута и не предизвикуваат некои сериозни непријатности, а можат да се појават неколку пати во текот на денот. За првпат овие контракции ги опишал англискиот доктор Џон Бракстон Хикс во 19 век, според кого и го добиле името.

Иако сите жени ги имаат, сепак само некои ги чувствуваат, посебно оние кои се за првпат бремени. Некои овие контракции ги нарекуваат и лажни трудови. Тие се всушност неправилни контракции, кои ја подготвуваат матката за породувањето. Тие не се толку болни како ,,вистинските,, контракции, не се регуларни на одредено време и не се појачуваат со минување на времето. Бракстон – Хикс контракциите некои трудници ги чувствуваат дури во 16 – та недела од бременоста. Колку матката станува се поголема, толку можат да се почувствуваат почесто овие контракции. Тие го одржуваат тонусот на мускулните влакна на матката, што е добра подготовка за она што следува. Непредвидливи се и неритмички. Вистинските трудови, пак, можат да бидат проследени и со воденест исцедок, како и болка во половината. Ако не сте сигурни дали се вистински или не контракции, применете ја формулата 1-5-1: ако контракциите ви траат најмалку 1 минута, интервалите меѓу нив се 5 минути или помалку и ако се повторуваат во текот на најмалку 1 час, тогаш најверојатно сте подготвени за породување.

Како што се приближува породувањето, лажните Бракстон – Хикс контракции можат да се јавуваат почесто, но немаат некоја шема на повторување и се случува да престанате да ги чувствувате ако работите нешто или ако се движите.

“Спуштање” на стомакот
Некаде во четвртата недела пред породувањето, (кај некои жени и подоцна) можете да почувствувате дека стомакот ви се ,,спуштил,, и дека полесно дишете и немате тегоби, како што се на пример киселините. За да проверите дали навистина ви се спуштил стомакот, ставете четири прста под градите – ако со рацете не го допирате стомакот, тогаш се смета дека е спуштен.

Слузав чеп
Еден од непосредните знаци дека породувањето е многу блиску е излегувањето на т.н. ,,слузав чеп,,. Кога грлото на матката ќе почне да се шири и скратува, можете да го забележите овој слузав чеп, кој може да биде и малку крвав.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина