Што се лекува јоргованот?
Еден од најпрепознатливите пролетни цветови е јоргованот, кој во своите цветчиња, листови и стебленце крие бројни лековити својства, па е многу популарно растение во хомеопатијата. Негова татковина е Балканскиот Полуостров. Како цвет е омилен во христијанството. Се користи во обредите на егзорцизам, реинкарнација, гатање и видовитост, а раширена е неговата употреба и за психофизичка заштита. За лекување се користи цветот, листот и кората од лушпата на семето. Со него се лекуваат ревматски болки, и тоа посебно реума на нервите, а се користи и за лекување на излевање крв во црниот дроб, што може да доведе до некроза на неговите клетки, проблеми со варењето, како што е дијарејата, и за лекување, односно отстранување, глисти од цревата.
Кората од дрвото јоргован и кората од обвивката на лушпата на неговото семе се користат за лекување маларија, и тоа за онаа повратна маларија со симптоми на треска проследена со тресење и висока телесна температура. Листовите од јоргован се користат за лекување треска и болести на устата кај децата, за конгестија на црниот дроб, тегоби со гастроинтестиналниот систем, како што се цревата (слабо варење и празнење на цревата, дијареја), тегоби кај дишните патишта (кашлица, бронхитис), повишена телесна температура, камен во бубрег и висок крвен притисок.
Цветовите од јоргованот се користат за лекување кожни болести како што се осип, изгореници, исеченици и разни кожни нечистотии, посебно за нега на лицето, надуеност и запек, невралгија, тегоби со видот (глауком – облоги се ставаат на очите) и т.н.
Во литературата се спомнува и употребата на цветовите од јоргован за изведување волшебни обреди, како што се чистење и прочистување на куќата и собите. Тие се користеле за истерување на злите духови и за носење позитивна енергија во домот и благослов на животот, односно јоргованот бил предвесник на радост.
Маслото од цветовите од јоргован е познато како народно средство за масажа и лекување реума и невралгија на нервите. Во ароматерапијата се користи за емоционална и духовна рамнотежа и за јакнење на сензуалноста.


