Што е асексуалност?
Сексуалната желба е еден од виталните нагони на човекот (покрај нагонот за храна и животниот нагон). Кај различни луѓе интензитетите на сексуалната желба се различни. Намалената сексуална желба во својот најтежок облик е целосна отсутност на истата. Таквата личност (почесто се јавува кај жените) речиси никогаш не размислува за секс. Сексуалниот однос им претставува товар и секојпат кога партнерот ќе им каже или ќе им покаже дека сака да имаат сексуален однос, за нив тоа е преголем проблем и не сакаат ,,баш сега,, и се прашуваат ,,зошто пак,,. Меѓутоа, овие личности не само што не размислуваат и не сакаат да влезат во сексуален однос, туку и речиси никогаш не мастурбираат; тие не ги гледаат луѓето околу себе како на сексуални и посакувани. Сексот е последна тема за која би сакале да разговараат и да размислуваат. Во светот полуден по секс, ваквите личности делуваат како ендемски видови на кои чудно се гледа.
Дали асексуалните луѓе читаат романтични новели? Дали гледаат порнографија? Читаат ли текстови кои мамат на сексуални алузии? Во својата нова книга ‘Understanding Asexuality’ (Разбирајќи ја асексуалноста), Ентони Богерт, професор по психологија на универзитетот Брок и водечки автор по асексуалност, наведува неколку клучни научни тврдења на оваа тема, вклучувајќи го и тоа зошто асексуалноста е толку многу важна за разбирање на широкиот спектар на човековата сексуалност. Според него, асексуалноста е ,,недостиг на сексуална привлечност,, или на ,,чувство на копнеж,, кон другите, и проценува дека околу 1% од целокупната популација е асексуална.
Важно е да се напомене дека кај асексуалците ‘алатот‘ совршено работи, само што покажуваат помало ниво на сексуална желба. Тие помалку фантазираат од сексуалните луѓе. Всушност, голем дел од нив никогаш не го замислуваат сексот.
Целибатот и романтичната врска
Мастурбацијата е важна активност за разбирање на варијациите меѓу асексуалците. Интересно е што значаен број асексуалци мастурбираат, но понекогаш постои неповрзаност меѓу нив и личноста за која мечтаат.
Многу асексуалци мастурбираат само за да се ослободат од притисокот, а во некои случаи и затоа што сами себеси си се привлекуваат. Додека целибатот во многу религии и традиции се слави како доблест, асексуалноста денес често се етикетира како нарушување. Но вистината е, тврдат истражувачите, сосема поинаква: асексуалците обично не покажуваат никакви знаци на инвалидност ниту стрес предизвикани од својата состојба.
Второ изненадувачко откритие е тоа што многу асексуалци сакаат да бидат во романтична врска. Едноставно, ги сакаат несексуалните аспекти на една љубовна врска. Тука обично спаѓаат физичките активности како што се галењето и интимноста, кои не се во никој случај поврзани со сексуална желба.
Покрај романтичните комедии, истражувањето на асексуалноста веројатно направило најмногу за разделување на романтиката од сексот, за кое некои истражувања потврдиле дека вклучува различни делови од мозокот. Па така, науката е сега насочена кон романтичнат астрана на партнерскиот живот, во што најмногу може да им помогне и проучувањето на асексуалноста.



