tancuvanje_1

Доколку ја сакате музиката, играњето и дружењето, треба да се занимавате со танцување. Покрај тоа што еден час ќе уживате во окружување кое ви одговара, истовремено ќе го раздвижите целото тело и ќе ги зајакнете сите мускулни групи. Танцувањето е добро за развојот на флексибилноста, подвижноста, се затегнуваат мускулите на трупот, рацете и нозете, а зглобовите стануваат се повеќе подвижни. Сеедно дали ќе се одлучите за балет, хип-хоп, џез танцување, салса, зумба, танго или класичен виенски валцер за време на часовите по брзо танцување ќе потрошите околу 350-400 калории. Целовечерното брзо и жестоко танцување може да согори и од 600 до 1.000 калории.

Можете да танцувате сами, во парови или во група. Важно е само низ музиката и движењето да почувствувате ослободување од секојдневниот стрес и напнатоста. Можноста за повреди е речиси исклучена, па со танцување може да започнете на која било возраст. Дополнителен бонус е тоа што танцувањето ви овозможува да се забавувате и да се дружите со позитивни луѓе од сите возрасти, како и да ги заборавите секојдневните грижи.

Танго – за убави нозе

Подобра координација – Освен што ќе добиете одлична физичка кондиција, танцувањето ќе ги зајакне мускулите и зглобовите и ќе ја подобри циркулацијата на крвта. Новите истражувања потврдуваат дека за време на танцувањето, мозокот му ги пренесува нервните импулси на телото како и кога следи одреден ритам, насока во просторот и наредните танцувачки чекори. На овој начин, за време на танцувањето се развива и координацијата на движењата.

Иако танцот не бара голема физичка сила, многу енергија се троши за работата на мозокот и емоциите, па за време на еден час вкупно се трошат околу 400 калории. Додека играте танго, најмногу се ангажираат мускулите н листовите и бутовите, како и помалите мускули во горниот дел од телото. Редовното вежбање го подобрува држењето на телото, координацијата на движењата, концентрацијата, се развиваат емоциите и имагинацијата. Тангото може да го играат сите, без оглед на возраста.

tanc_2

Валцер – за исправување на ‘рбетот

За време на двеминутно играње на стандардни танци се трошат 15 калории, што значи дека за еден час може да се потрошат и повеќе од 400 калории. Додека играте валцер, работат сите мускули, а најмногу се затегнува мускулатурата на нозете и грбот, што придонесува за исправување на ‘рбетот. Танцувањето валцер ја подобрува општата кондиција и држењето на телото, концентрацијата и координацијата, развивањето на емоции, ја подобрува енергијата и расположението.

Ориентални танци – за тенок струк

Во овој танц се вклучени сите мускули, а во центарот на вниманието се стомакот, струкот и колковите. Брановидните движења кои се изведуваат за време на ориенталниот танц ги “масираат” и внатрешните органи. Затоа, овој танц им се препорачува и на жените по бременоста за брзо закрепнување. Бидејќи овој вид танц бара голема физичка подготвеност, благодарение на него може да се дојде до завидна физичка кондиција. Во текот на еден час може да потроши и до 500 калории.

Салса – одличен кардио-тренинг

За половина час играње салса ќе согорите од 200-400 калории, а истовремено ќе го подобрите функционирањето на срцето и обликувањето на мускулите. Танцувањето салса е одличен начин да го намалите стресот. Со жестоките движења ќе го зајакнете телото и ќе ги обликувате колковите, листовите, бутовите, рамената и рацете. За време на еден час играње убаво ќе се испотите и ќе се почувствувате физички и психички ослободени, но, исто така, и полни со енергија за нови предизвици.

Зумба – и игра и тренинг

По овој, релативно нов танц полуде целиот свет. Зумба вежбаат и млади и стари, при што не само што се забавуваат, но, исто така и губат на тежина. Овој брз, привлечен и ритмички танц се покажа како еден од најефикасните за губење на тежината. За да постигнете резултати, часовите по зумба мора да траат најмалку 45 минути. Но, само еден трениг во траење од еден час, ќе согори од 500-800 калории. Заради начинот на кој се движите додека играте зумба, се дефинираат сите поголеми мускули во телото.