Ризикот од појава на меланом е поголем кај оние кои се со посветол тен на кожата, кај оние кои имаат многу младежи или кои пречесто се сончаат. Редовните самопрегледи и воочување на најмалите промени на кожата, како и правилната заштита од штетните сончеви зраци можат да ви го спасат животот.

Со оглед на тоа што статистиките покажуваат дека жените, посебно помладите од 40 години, двојно повеќе патат од потенцијално смртоносен меланом од мажите, секој облик на заштита е важен. Треба на дерматолог да ја проверите секоја дамка, израсток или младеж кои ви се чинат дека изгледаат сомнително.

Сите луѓе, посебно споменатата ризична група, требаат редовно да ја прегледуваат кожата на дерматолог, со цел да се воочат на време сите неправилности и промени на кожата. Препораката посебно важи и за оние во чие семејство имало заболени од меланом. Многу важно е и самопрегледувањето на кожата, кое треба да се врши еднаш месечно. Ако се посомневате на меланом, треба хируршки да се отстрани зафатениот дел од кожата и да се изврши биопсија, со која се поставува најпрецизна дијагноза. Меланомот е можно да се излекува ако се открие на време и ако се отстрани на време, додека не ги има зафатено подлабоките делови од кожата и додека не се проширил на околните ткива и органи. Лекувањето зависи од стадиумот на болеста, староста на пациентот и неговата здравствена состојба. Стандардната терапија подразбира примена на хируршки методи, додека во понапреднатите стадиуми на болеста се користи и хемотерапија, имунотерапија и радиотерапија.

Промените на кожата најчесто се предизвикани од штетното влијание на сончевите зраци. Ова посебно се однесува на раното пролетно сонце, кое може токму сега да биде најштетно. Причината за тоа е што кожата е почувствителна по зимскиот период и не е подготвена да апсорбира дури и најмала количина од ултравиолетовото зрачење. Значи, пролетното сонце не е ни малку наивно и треба задолжително да внимавате дури и ако само се шетате наоколу. Задолжително е да нанесете заштитен фактор и да носите соодветна заштитна облека, како очила за сонце и шапка.

Како да ги забележите сомнителни промени?

Младежи
Здрав младеж има воедначена боја (светлокафева или темнокафеава), јасни и симетрични рабови. Причина за тревога е промена во бојата и појава на нетипична боја, ако младежот е црвен, бел или синкав. Обратете внимание на младежите на листовите на нозете и на торзото, каде најчесто се појавуваат кај жените.

Дамки на рацете и стапалата

Пегите и младежите на рацете и стапалата не претставуваат ништо опасно, дури и ако се во црна боја. Но, кафева или црна модринка под ноктот на палецот (на рацете и нозете) која се зголемува и се шири до работ на ноктот и не се повлекува и по два месеца, е секако причина за посета на доктор во најкус можен рок. Можно е да се работи за посебен облик на канцер на кожата, кој се нарекува субугвален меланом.

Брчки на деколтето
По четириесетата година од животот, појавата на надолжни брчки, како последица од стареењето, е сосем анормална појава. Но, ако овие брчки се појават во 20-та или на 30-та година од животот, т.е. ако дојде до прерани брчки на вратот и на лицето, показател за тоа е преголемото изложување на сонце, што значајно го зголемува ризикот од канцер на кожата. Секојдневната примена на препарати со заштитен фактор, како и редовниот пилинг и хидрирање на овој дел од телото, може да спречи да дојде до нови оштетувања.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина