Пнеумококата: најчест предизвикувач на зимски инфекции
Streptococcus pneumoniae (или diplococcus) е “службеното” име за оваа бактерија позната под името пнеумокока. Оваа бактерија е причинител на воспалението на уво и синуси, но може да предизвика и инвазивни болести, како што се сепса (бактеремија), воспаление на белите дробови и воспаление на мозочната кора (менингитис). Се повеќе видови од оваа бактерија стануваат отпорни на пеницилин и на други антибиотици. Овој факт ги поттикнал научниците да ги истражат имунолошките својства на пнеумококата. Постојат 90 идентификувани видови, кои меѓусебно се разликуваат по својата капсула.
Што е, всушност, пнеумококата?
Пнеумококата е бактерија која живее нормално во горните дишни патишта кај здравите луѓе. На возраст од шест месеци таа се наоѓа во горниот дел од ларинксот на бебето. Но, самата присутност на оваа бактерија не значи дека организмот развил отпорност на неа, така што истиот вид може да предизвикува перманентни воспаленија и да се насели во слузницата на горните дишни патишта. Зачестеноста на носители на пнеумококата е голема кај децата помали од две години, а најчеста е во текот на зимските месеци, посебно во јаслите и градините. Децата помали од две години не можат да создаваат антитела против полисахаридните антигени, како што е капсулата на пнеумококата, а големата зачестеност на колонизацијата ја објаснува чувствителноста на малите деца на пнеумококната инфекција. Најчувствителни се бебињата на возраст од 6 месеци до 1 година. Доенчињата и малите деца до две години најчесто заболуваат од инванзивна пнеумококна болест, бидејќи нивната имунолошка способност на таа возраст е слаба и нивниот организам се уште не создава антитела кои можат да го заштитат, па поради тоа и по завршеното лекување, во неповолни околности повторно доаѓа до инфекција и воспаление на увото и/или синусите.
Секој може да заболи од пнеумококна болест, но некои групи се во поголем ризик од други. Тие вклучуваат: мали деца и постари личности, луѓе со наслабен имунолошки систем (болни од карцином, леукемија, Ходџкинсонова болест или СИДА) и личности кои страдаат од спектар хронични состојби, како што се болести на белите дробови, срцето и бубрезите, дијабетес и алкохолизам.
Зошто доаѓа до инфекцијата?
Организмот на располагање има одбранбени механизми кои успешно ја спречуваат инфекцијата. Влакненцата на епителот на дишните патишта го спречуваат влегувањето на бактериите во увото и синусите, а исто е и со пнеумококата. Но, состојбите како што се вирусните инфекции, алергиите или иритациите на дишните патишта предизвикани од чад од цигари ги попречуваат овие нормални механизми за одбрана и овозможуваат населување на бактериите во дишните патишта. Ширењето на инфекцијата може да се одвива преку зафатените подрачја (на пример, од синусите до белите дробови), преку лимфата или преку крвотокот.
Пред да се појават резистентните видови на пнеумокока, пеницилинот бил лек за лекување на пнеумококните болести, а во последниве десет години е значително зголемена резистентноста на пнеумококата на него. Поради тоа лекувањето треба да се насочи кон искуството од одредена средина и на наодот на чувствителност, односно ресистенција, врз основа на добиената анализа на културите. Ако бактеријате е чувствителна на пеницилин, тогаш тој се користи како лек во лекувањето.


