Отпорноста кон антибиотици е сериозна закана за здравјето
Инфекциите предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици се причина за 25.000 смртни случаи во Европа годишно. Затоа е важно да се пијат антибиотици само кога ќе ги препише доктор.
Отпорноста кон антибиотици е една од најсериозните закани по јавното здравје, бидејќи со погрешно и прекумерно припишување на антибиотици и нивна неправилна примена се поттикнува отпорноста на микроорганизмите кон антибиотиците, додека во исто време 40% од Европејците не знаат дека антибиотиците не делуваат против вирусите, односно настинките и грипот.
Инфекциите предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици се причина за 25.000 смртни случаи во Европа годишно, па нужно е освестување на јавноста за опасноста од развој на отпорност на микроорганизмите кон антибиотиците како и за важноста за нивната рационална примена. Тоа е посебно важно ако се знае дека 92% од антибиотиците се трошат вон болничната потрошувачка.
Кај некои бактерии се забележува поголема, а кај некои помала отпорност на антибиотици. Стручњаците предупредуваат дека, во случај бактерите да станат отпорни на лекови за инфекции, лекувањето на болниот може да трае подолго и да резултира и со смрт, бидејќи со некои антибиотици повеќе нема да можат да се лекуваат бактериски инфекции. Поради тоа ќе мора да се користат други антибиотици, кои би можеле да имаат повеќе несакани појави, а нивното користење би можело да предизвика резистентност и на тие лекови.
Од оваа причина се препорачува антибиотиците да се користат само со препорака од доктор и секогаш да се пие целата препишана доза. Исто така, никогаш не смее да се користат стари антибиотици или да се разменуваат со други луѓе.
Инфекциите можат да се спречат со редовно миење на рацете, одбегнување блиски контакти со болни и редовно вакцинирање.