Усната шуплина е составен дел од организмот и огледало на општото здравје. Различни болести и состојби во организмот можат да се забележат на слузницата, забите и парадонтот на усната шуплина. Од друга страна, болестите на усната шуплина, слузницата, забите и непцата можат да поттикнат развој на болести на различни ткива и органи во организмот и да влијаат на влошувањето на веќе постоечка болест, а со тоа да ја влошат физичката и психичката состојба и значајно да го намалат квалитетот на животот. Кажано со други зборови, оралното и општото здравје се меѓусебно поврзани и влијаат едно на друго. Поради тоа грижата за здравјето на усната шуплина воедно е и грижа за општото здравје.

 

Усната шуплина е огледало на здравјето

 

Здравјето на усната шуплина е важен и неделлив дел од целокупното општо здравје и квалитет на живот на секој поединец и значи многу повеќе од само здрави заби. Со преглед на усната шуплина може да се открие колку сме здрави или болни, а исто така и колку водиме сметка за своето орално и општо здравје. Во устата можат да се забележат знаци на лоша и недоволна исхрана, инфекции и системски болести. Некои болести кои влијаат на целото тело, како што е шеќерната болест, болест на бубрезите и цревата, АИДС, Сјогренов синдром, како и одредени кожни болести можат да ги покажат своите први знаци и симптоми токму во устата. Болните со шеќерна болест се посклони на развој на воспалителни болести на забното месо и парадонтот, сува уста и инфекции на слузокожата, а парадонтитисот често се нарекува ,,шеста компликација,, на шеќерната болест.

Истражувањата покажале дека пародонтната болест може да биде поврзана со болестите на срцето и крвните артерии, мозочниот удар, бактериското воспаление на блите дробови и предвременото породување и раѓање на дете со помала тежина. Оние со пародонт за три пати почесто заболуваат од болести на срцето и крвните артерии во однос на оние кои го немаат.

 

Поради поврзаноста на усната шуплина со целиот организам, бактериите од различни жаришта во устата, а тоа се: нелекувани заби, оштетен парадонт или оштетена слузница, можат да преминат во крвотокот и да ги населат претходно оштетените делови од телото, како што се на пример срцевите залистоци, ѕидовите на артериите и да придонесат за артериосклероза и така да го загрозат здравјето на срцето, бубрезите и да предизвикаат мозочен удар или да загрозат бременост. За да се пречи бактериите од устата да преминат во организмот и да поттикнат некаква болест, потребно е да се применува редовна и добра орална хигиена (четкање на забите, чистење на меѓузабниот простор со дентален конец, чистење и дезинфекција на забната протеза и миење на устата со антисептици). Оралните болести можат да предизвикаат и повеќе од болка и страдање. Тие можат да доведат до потешкотии во говорот, џвакањето и голтањето, кои влијаат на нашето земање на храната и можат да делуваат лошо на секојдневните активности и социјалните контакти. Лошата исхрана може да доведе до кариес и дебелеење, на што најподложни се децата од предучилишна возраст и оние кои веќе одат на училиште. Исто така и бројни лекови можат да имаат различни нус-појави кои се огледуваат во усната шуплина: од појава на непријатно чувство на сувост во устата и печење на слузницата до различни оштетувања на слузницата.

Поради сетo наведено, докторот по дентална медицина е првиот кој може да открие болест во устата, па неговата улога е значајна во раното откривање на болестите и во спречувањето на понатамошните компликации и упатувањето на пациентот на понатамошна дијагностика кај друг доктор или специјалист надлежен за дадената болест.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина