Препаратите можат само краткотрајно да го решат проблемот, но ако не ја откриеме причината, проблемот постојано ќе се враќа. Дури и покрај мноштвото производи за нега на косата кои ни се нудат секојдневно на пазарот, некои нешта не можат да се променат ако не навлеземе длабоко во сржта на проблемот.

На пример, ако имате претенка коса која многу опаѓа, веројатно сте секојдневно изложени на разни стресови, или токсични материи и шттени надворешни влијанија. Тоа се огледува во вашата коса, која станува тенка и кршлива. Еден од домашните лекови за тоа е во исхраната да се внесе лен, во облик на семе или масло. Семето е збогатено со омега 3 масни киселини, кои можат да го подобрат квалитетот на вашата коса и да го спречат кршењето. Неколку пати месечно во косата втривајте етерични масла од кокос или рицинус, чии хранливи состојки ги хранат коренот и скалпот и го поттикнуваат растот и обновувањето на косата. Не претерувајте со количините, бидејќи косата брзо ги впива маснотиите, кои тешко се мијат подоцна.

Голема улога во квалитетот на косата и скалпот игра и исхраната и намирниците кои секојдневно ги консумираме. Бирајте поздрави намирници богати со протеини, како зелен лисјест зеленчук и житарки кои имаат одредени корисни состојки кои потпомагаат за здрав раст на косата и обновување на оштетените фоликули. Одржувајте го телото хидрирано и секој ден пијте многу незасладени течности, како природни сокови или зелен чај. Помеѓу оброците одбегнувајте преработени грицки и посегнете по ореви, суво грозје, бадеми, кои исто така се богати со омега 3 масни киселини и фолни киселини.

Кога сте млади, и косата ви е млада и доволно силна за да поднесува разни оштетувања. Како косата станува постара и потенка, таа станува кршлива и не може да се носи со истото свиткување и стрес. Затоа пука и почнува да се мрси. Затоа редовно посетувајте фризер и кратете ги оштетените краеви. Одбегнувајте пречесто носење високи репови и фрузири кои ја корнат од корен косата. Особено во никој случај не користете вештачки прамени и производи за стилизирање. Пред миење чешлајте ја косата и никако додека е се уште влажна, бидејќи тогаш е најмногу склона кон пукање. Секогаш кога се чешлате правете го тоа од врвот кон коренот, за да одбегнете непотребно кинење.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина