Најчестите причини поради кои го одложувате тренингот и како да им се спротиставите
Повеќето вежбачи треба постојано да се мотивираат, без разлика на тоа што е познато колку е важно редовното вежбање. Но, постојат вежбачи кои ќе заминат да вежбаат само ако им се придружи најдобриот пријател или член на семејството, некои ќе ги поттикне група на луѓе кои вежбаат, додека други тешко ќе бидат мотивирани без некоја причина. Сигурно повеќепати ви се има случено да се разбудите со голема желба за тренинг, сте резервирале слободно место во групата вежбачи во теретана, но не сте се појавиле. Еве кои се најчестите оправдувања поради кои го одложувате вежбањето и советите и како да ги победите.
-
Денес не можам да тренирам затоа што сум исцрпен/а од напорниот ден
Речиси секојдневно можеме да го користиме ова оправдување како причина за изостанување од тренинзите. Со пренатрупаниот дневен распоред сте преуморни, па најмалку што ви треба е да се мачите со вежбање. Но, токму еден квалитетен тренинг ќе ве одмори и ќе бидете повеќе полни со елан за следниот работен ден. Нека тие мисли ви бидат мотивација секојпат кога поради исцрпеност ќе немате воља за вежбање.
-
Го преспав тренингот наутро, бидејќи ме мрзеше да станам
Ако сте си зацртале да вежбате рано наутро пред да одите на работа, а од десет планирани тренинзи во месецот имате обработено само три, тогаш можеби е време да си признаете дека баш и не сте некој ранобудник и дека за вас е поробро да тренирате попладне. Сепак, запомнете дека не е важно кога ќе вежбате, туку тоа да го правите редовно.
-
Надвор врне и не е убаво времето
Дождот и неповолните временски услови знаат да влијаат непоттикнувачки врз многумина вежбачи. Сте ѕирнале низ прозорецот и сте загубиле воља да појдете во фитнес центарот или спортскиот клуб. Доколку тоа е случај со вас, убедете се дека одењето на тренинг ќе ве орасположи и ќе ви исчезнат главоболките. Секојпат сетете се колку е добро чувството по вежбањето и како е многу подобро целото попладне да го помнете во вежбање отколку во излежување пред телевизорот.
-
Не можам на тренинг затоа што се најадов после работа
Од работа сте дошле дома и не можете да издржите еден час кој ве дели од тренингот, па сте се најале. Со полн стомак се убедувате дека не можете да одите да вежбате, бидејќи во спротивно ќе ви се слоши. Имате право, но затоа треба да размислите пред да се најадете. Ако огладнете пред тренинг, изедете една банана, енергетски бар или грст јаткасто овошје. Постојат голем број намирници кои може да се изедат како меѓуоброк, дури десеттина минути пред тренингот, а кои ќе ви ја дадат потребната енергија.
-
Дружење со пријателите токму во терминот за тренинг
Поканети сте на кафе, на кино или на концерт. Убедени сте дека тоа го оправдува одложувањето на тренингот. Повеќето од вашите пријатели многу добро знаат во кои денови и термини имате тренинг. Ако обврските не ви дозволуваат редовно да одите на тренинг, одберете барем еден ден во неделата кој ќе ви биде резервиран за вежбање, а другите денови прилагодете ги на обврските.
-
Караница или лоша вест
Колку и негативните емоции да се чинат причина за да не вежбате, обидете се да сфатите колку тренингот ви помага во подигање на расположението. Со него ги исфрлате негативните емоции, па можеби на постоечкиот проблем ќе гледате поинаку.