Колку е опасен воздухот кој го дишеме?
Во последно време се повеќе е актуелна темата околу загадувањето на воздухот и се почесто се пишува на оваа тема. Но, ајде со ред да и пристапиме на оваа тема.
Под загадување на воздухот се подразбира внесување на нови некарактеристични физички, хемиски и биолошки материи во атмосферскиот воздух или промена на одамна веќе присутните концентрации на овие материи во животната средина.
Она што особено треба да не загрижи сите се неодамнешните истражувања за квалитетот на воздухот и штетните материи во воздухот. Светската здравствена организација во најновата публикација објавена на 17 октомври 2013, за првпат го посочи загадувањето на воздухот како главен и директен предизвикувач на ракот на белите дробови, настрана од азбестот, цигарите и ултравиолетовото зрачење.
Загадениот воздух што се вдишува на улица е многу опасен-коктел од загадувачки материи на кои секојдневно сме изложени во градовите низ Македонија. Се проценува дека овој опасен микс има многу поголема шанса да предизвика рак на белите дробови, повеќе дури и од пушењето.
Во ова обемно истражување се вршела анализа и на честичките прашина ПМ, кои според СЗО се определени како главни предизвикувачи на рак. Поразителна е меѓународната статистика, според која Македонија е 19-та по ред во светот по бројот на заболени од рак на дишните патишта.
Концентрацијата на овие честички особено во Скопје и Тетово неколку години по ред, особено во текот на зимските месеци, достигнува вредности што се до 20 пати над максимално законски дозволените. Во Скопје, пред една недела, беше измерено најголемо загадување во Центар, Ново Лисиче и кај Универзитетот Св.Кирил и Методиј. Во овие делови, концентрациите достигнуваат и до 400 микрограми, што е 8 пати над максимално дозволеното ниво од 50 микрограми на кубен метар. Во Тетово, ситуацијата е уште поалармантна. Таму концентрациите на канцерогените суспендирани честички (ПМ 10) од индустријата, електраните, топланите е 12 пати над законски дозволените количини, со што Тетово е најзагаденото место во државата.
Според годишниот извештај на Министерството за животна средина близу 80 % од емисиите на овие канцерогени честички доаѓаат од идустријата и производството на енергија.
Според анализата на Светската Банка од 2012 година, во Македонија годишно умираат по 1350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со суспендирани честички (ПМ 10). Ако се намали загадувањето до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале 253 милиони евра годишно или 3,2 проценти од БДП во 2012 година.
Загрижени од алармантно високиот степен на загадување на воздухот во Скопје и опасноста по здравјето на граѓаните, oсобено поради високата концентрација на суспендираните ПМ 10 честички во воздухот кои потекнуваат од различни извори, наидовме на сајтот на партијата ДОМ која ги предлага следниве мерки, а ги сметаме за корисни :
1. Рестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат минималните Еуро стандарди за квалитет на дизел или бензин горивата низ централното градско подрачје, посебно во зоната на Малиот Ринг. Оваа мерка се предлага врз основа на размена на искуства со германските Зелени. На овој начин загаденоста на воздухот во Берлин се намалила дури за 30% во рок од три години.
2. Иако оваа мерка е непопуларна за граѓаните, се смета дека во овој момент е нужно воведување на т.н. пар/непар режим на сообраќај.
3.Формирање дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво кои континуирано ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот. Посебно треба да се обрне внимание на познатите загадувачи, и да не се забораваат помалите индустриски капацитети, кои своите Б интегрирани еколошки дозволи ги добиваат од општините, а во нив често пати се случува согорувaње на неквалитетни горива, како отпадни масла, гуми, синтетички материјали и сл.
На крај, се апелира, секој од нас да помогне за намалување на загадувањето на воздухот, со користење на јавниот превоз, групирање на повеќе луѓе во еден автомобил и употреба на чисто гориво за затоплување на домаќинствата.