Кондиломите се една од најчестите полово преносливи болести и се тема за која се уште многу малку се знае, а уште помалку се зборува со лицата кои се стручни да даваат одговори на тоа. Денес, младите стапуваат порано во сексуални односи, се поретко користат заштита и многу малку знаат за контрацепцијата и за полово преносливите болести. Често поради срам и незнаење им се доверуваат само на другарите, кои исто така не се доволно стручни за да им помогнат. Така проблемот станува многу поголем и поопасен кога ќе се решат на крај да се обратат на доктор.

Не можеме да влијаеме на одлуката кога некој ќе реши да стапи во сексуален однос, но барем можеме да ве убедиме дека е многу важно кога веќе ќе се впуштите во таков живот, да посетувате гинеколог и уролог барем еднаш или два пати годишно. Со редовна контрола, проблемот може да се открие во раната фаза и тогаш може полесно да се реши. Тука нема срам, мора да се има доктор на кому ќе му верувате и со кој ќе можете да зборувате за се. Само на тој начин ќе ги одбегнете многу опасните болести, меѓу кои е и ракот на грлото на матката.

 

hpv2
Кондиломите се јавуваат кај сексуално активни луѓе во која било возраст. Предизвикувач е ХПВ вирусот или Humani papiloma вирусот. Повоочливи се кај мажите, па тие веднаш одат на доктор штом ќе забележат и најмали израстоци, додека кај жените на почетокот се помалку видливи ако се во внатрешноста на вагината и се многу поопасни, бидејќи ХПВ вирусот е голем ризик фактор за настанок на рак на грлото на матката. Кондиломите можат да се појават по неколку недели, па дури и по 20 месеци од половиот однос т.е. инфицирањето. Така што можете долго време да го носите вирусот во вас, а да не го знаете тоа. Со самото тоа можете и други луѓе да заразите ако не користите заштита. На изглед, кондиломите личат на меки, рапави површини и безбојни се. Растат брзо и добиваат изглед на брадавици, а можат да се јават и во облик на гроздови на едно место. Кај жените се јавуваат во внатрешноста на вагината, на грлото на матката, на надворешните усни од вагината и околу анусот. Кај мажите воглавно се јавуваат на телото на пенисот и околу анусот. Кај бремените жени постои опасност да ги пренесат на новороденчето за време на породувањето.

 

hpv1
Штом ќе забележите некакви промени неопходно е да се јавите на доктор. Тој најдобро ќе одреди кој третман е најдобар за решавање на вашиот проблем. Кондиломите се лекуваат на разни начини, како на пример со подофилин, криотерапија, електрокоагулација и со ласерски третман. Треба да се спомене дека и покрај терапијата, вирусот останува во организмот и не може да се излекува. Така што, кондиломите пак се јавуваат при пад на имунитетот. Од ова можеме да заклучиме дека најдобра е превентивата. Користењето на контрацептиви и кондоми е обврзувачко и многу важно, посебно за жените (поради ризикот од рак на грлото на матката). Во последно време се појавија и вакцини против ХПВ вирусот, но и за тоа треба да се посоветувате со својот доктор. Редовно посетувајте го и секогаш превенирајте. Превентивата е на прво место. Немојте да чекате проблемот да достигне до толкави размери за утре да не можете да имате деца или да се борите со тешки болести како што е карциномот.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина