Кивано името го има добиено по кивито и поради оваа сличност е наречено Cucumis metuliferus. Вкусот му е мешавина од банана, диња, краставица и лимета. Идеално е за диета и исклучително добро делува при настинки. Благодарение на силната портокалова боја или жолта кора и многуте боцки, киваното (или бодликава диња) веќе со самиот свој изглед делува егзотично. Го нарекуваат уште и украсна краставица. Тоа всушност спаѓа и во групата на зеленчуци. Ова овошје ја напуштило Африка и родното Зимбабве дури во 1930 година и се ,,преселило,, прво на Нов Зеланд, па потоа во Австралија. Денес, најмногу се одгледува во Чиле и Калифорнија. Во внатрешноста е светлозелено, по што најмногу потсетува на киви. Достапно е преку целата година и се јаде сирово.

Изобилува со витамин Ц и со минералите калиум и железо, а содржи и фосфор, магнезиум, бакар, цинк, натриум и калциум. Воопшто не содржи масти, само малку јагленохидрати. Семките му изобилуваат со масни киселини, меѓу кои најзначајни се линолинската и олеинската. Линолинската е посебно важна, како една од омега-6 масните киселини. Олеинската помага во борбата со високиот крвен притисок. Неговите жолто – зелени семки содржат и каротеноиди (витамин А и бета – каротен), кои се важни за имунолошкиот систем и за здравјето на кожата и очите.
Антиоксидансите a-токоферол и y-токоферол во ова овошје се органски облици на витаминот Е, кој е неопходен за доброто здравје, пред се за срцето, мускулите, нервите, црвените крвни зрнца, хормоните и кожата. Витаминот Е ги неутралиизра штетните слободни радикали, причинителите за канцер, за кардиоваскуларни болести и други хронични болести. Докажано е дека овој витамин го намалува ризикот за појава на Алцхајмерова болест и Паркинсонова болест.
Киваното се јаде така што се пресекува на половина и со лажичка му се вади меснатиот дел. Плодовите се зрели кога зелената нијанса ќе премине во жолто – портокалова. Семките се вкусни, посебно во комбинација со јогурт. Одлично оди и со сирење, домати и краставици.

Изглед на киваното

Киваното расте во вид на лоза или грмушка. По изглед многу наликува на краставица. Стебленцето му е прекриено со влакненца, а може да израсне до 150 – 300 см. Стебленцата му се членковити и на секое од нив се развиваат тенки 2.5 – 5 см долги лијани, со кои растението се зацврстува за подлогата и се исправа. Тука се развиваат и машки бледо жоли цветови, најчесто во групи од по 2 – 4. Освен цветови, тука му се формираат и листовите. Листовите се петоделни, со длабоки засеци, и по изглед наликуваат на листовите од лубеница. Плодот на киваното е долг од 5 – 10 см, а можат да достигнат маса до околу 300 гр. Додека се уште млади, плодовите се со светлозелена боја, а во текот на созревањето добиваат светложолта боја, која потоа во потполна зрелост станува портокалово – црвеникава. Тогаш плодот целосно се прекрива со боцки.

Витаминска бомба

Сокот од кивано го закрепнува организмот, а се подготвува така што 4 африкански дињи кивано се пресекуваат на половина, им се вади меснатиот дел и се блендираат. Потоа им се додава сок од еден цел лимон и 3 – 4 дл. вода. Се засладува по желба и се пие. Наместо лимон може да се додаде и сок од црно грозје.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина