Од некоја причина ја ставаат во групата на зелки, иако, освен по листовите, по изгледот нема ништо заедничко со останатите лиснати зеленчуци од ова семејство. Станува збор за келерабата (Brassica oleracea var. gongylodes), вкусен и корисен зеленчук со необичен изглед. Необична е поради тоа што има стебленце и плод во вид на јаболко, од кое растат лиснати петелки. Посебно е омилена во Индија и Германија, иако најмногу се одгледува во северна и западна Европа, од каде и што потекнува и каде што е многу ценет зеленчук. Култивиран вид е од дивата зелка. Самото име и потекнува од германските зборови „kohl” (зелка) i „rube“ (репка), бидејќи потсетува на овие две растенија. Вкусот и структурата на келерабата се слични на срцето на зелката. Постојат неколку видови од овој зелечнук, кои се разликуваат по вкусот и бојата, која варира од темнозелена до темновиолетова.

Келерабата може да се јаде само додека е млада. Младиот плод е многу сочен, мек и вкусен, па може да се јаде сиров како салата, додека постариот најчесто се вари, се динста или се пече. Од млада келераба може да се подготвува и свеж сок, кој има пријатен вкус, но само под услов да не стои долго. Ако стои долго, сокот добива лут вкус и по мирис потсетува на сулфур. За келерабата е карактеристично што може да се чува и вон фрижидерот или замрзнувачот, бидејќи стоејќи станува дрвенеста, тврда и не може да се јаде. Но, затоа, пак, во замрзнувач може да се чува со месеци. Од келерабата се јадат и младите листови и стебленца, кои содржат мноштво витамини и минерали, меѓу кои посебно се истакнуваат каротинот и фосфорот. Листовите посебно се богати со Витамин А, кој е многу важен за зачувувањето на клетките. Од тие причини нутриционистите советуваат и овие делови од келерабата да се користат во исхраната, најчесто во вид на чорба.

Келерабата содржи минимална количина на калории. Во својот состав има 6,25 јагленохидрати, 1,7% белковини и масти во трагови. Но, затоа е одличен извор на витамин Ц. Во сто грама од плодот има дури 62 мг. од овој витамин, што претставува 78% од препорачаните дневни дози. Во својот состав има уште и тиамин, ниацин, пантотенонска киселина, витамин Б6 и фолна киселина. Од минералите најмногу содржи калциум, железо, магнезиум, фосфор, бакар и манган. Совршен извор е на растителни влакна, кои не се важни само за варењето, туку и за целосното здравје на организмот. Токму тие даваат подолго чувство на ситост, па затоа келерабата се наоѓа на прво место на диеталните менија за симнување на вишокот на килограми. Што се однесува до нејзината лековитост, делува ефикасно на кардиоваскуларниот систем и го намалува лошиот холестерол (ЛДЛ) во крвта. Редовната употреба на келерабата во исхраната ја зголемува апсорпцијата на железото ,кое е одговорно за снабдување на крвта со кислород, благодарение на што се зголемува енергијата. Делува одлично и на здравјето на коските, лимфниот систем, системот за варење, сврзното ткиво, забите и непцата. Ублажува симптоми на кандидијаза, едеми и вирусни инфекции. Со оглед на тоа дека го стабилизира нивото на шеќер во крвта, се препорачува кај хипогликемија и дијабетес. Редовното консумирање на келерабата го намалува ризикот од камен во бубрег и врши превенција од добивање карцином на дебелото црево. Препорачливо е да се јаде свежа, а не термички обработено, бидејќи витаминот Ц е термолабилен и се губи при обработка на високи температури. Се додава во разни салати, зачинета со оцет или други сосови во комбинација со риба и месо.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина