Ако поради утврдениот недостиг одлучите да земате додатоци во исхраната, водете сметка да не ја надминете препорачаната дневна доза на витамини. Треба да внимавате и како и каде ги земате витаминските препарати и разни додатоци во исхраната.

Витамин Ц

Склоност кон инфекции, изразени вени, модринки и крварења се знаци за недостиг на витаминот Ц во организмот. Недостигот може да се појави при зголемен физички или психички напор, за време на бременост и доење и при инфекции. Недоволното консумирање на витаминот Ц може да доведе до авитаминоза, што е најчест случај кај децата, алкохоличарите и постарите луѓе. Изразениот недостаток доведува до потешко нарушување – скорбут.

Овој витамин е важен поради тоа што го поттикнува имунолошкиот систем во борбата против вирусните инфекции и бактерии. Овошјето и зеленчукот се природни извори на овој витамин.

Витамин А

Груба, сува и надразнета кожа, губење на апетитот, чест замор, слаба коса без сјај, кршливи нокти, перут, кожа склона на акни, сите овие се предупредувачки знаци за недостаток на витаминот А. Стручњаците велат дека неговиот недостаток најдобро се забележува во промените на очите.

Витамин Д

При недостиг на витаминот Д најпрво се забележуваат промени на коскеното ткиво. Кај децата се забележува рахитис, а кај возрасните до остеопороза. Превентивно им се дава на бебињата во првата година од животот, а кај остеопорозата витаминот Д се дава во комбинација со калциумот, поради неговото намалено апсорбирање во коските. Затоа и се смета дека здравјето на коските зависи од овој витамин, бидејќи без него коските стануваат слаби, се виткаат и се кршат. Малаксаност, слабост, зголемено потење исто така можат да бидат симптоми за недостиг на овој витамин.

Витамин Е

Дефицитот на витаминот Е во организмот не се покажува толку со видливи надворешни знаци. Најчесто тие се забележуваат во крвната слика, па така показател за неговиот недостаток е менувањето на количината на црвените крвни зрнца.

 

Витамини од групата Б

При недостиг на витаминот Б1 симптомите се невролошки пречки, губење на помнењето, грчење на мускулите, губење на апетиот и нарушувања во системот за варење. Кај целосен недостиг доаѓа до појава на болеста бери – бери.

Недостигот на витаминот Б2 видлив е околу аглите на устата, каде често се јавуваат рани и оштетувања на кожата. Кога го нема доволно доаѓа до иритација на очите, алергиски реакции и воспалителни промени на кожата.

Недостигот на витаминот Б3 доведува до мускулна слабост, губење на апетитот и разни кожни проблеми, како дерматитис, но и нарушувања во нервниот систем.

Доколку недостасува витаминот Б6, се јавуваат грчеви во нозете и рацете, раздразливост, нарушувања во спиењето и анемија. Најчесто се јавува кај дијабетичарите, трудниците, постарите луѓе и доилките. Овој витамин го регулира расположението и ПМС синдромот.

За здрава кожа, коса и нокти најзаслужен е витаминот Б7. Недостатокот од овој витамин предизвикува промени на кожата и косата (лупење на кожата, црвенило, опаѓање на косата, губење на апетитот и замор).

Фолната киселина или витаминот Б9 е важен за синтеза на ДНК. Дефицитарноста се јавува кај трудниците, жените кои земаат контрацепција, оние со проблеми со варењето и кај алкохоличарите. Поголемиот недостиг на фолната киселина во организмот може да доведе до мегалобластична анемија, која означува недоволен број на црвени крвни зрнца.

Уште еден витамин од Б-групата е витаминот Б12. Тој е важен за производство на генетскиот материјал на ДНА. Неговиот недостиг се јавува најчесто кај трудниците, доилките, алкохоличарите, а знаците за негов дефицит се губење на телесната тежина и трпнење во рацете и нозете.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина