Потрагата по лек е ситуација со која се има соочено секој од нас барем еднаш во животот, било да се работело за неговото здравје или здравјето на некој член од семејството. Најисплатлив бизнис во светот, веднаш по воената индустрија, е фармакологијата, производството и дистрибуцијата на лекови. Големиот пораст на потрошувачка на лекови и диететски суплементи во изминатава деценија, општата глобализација и слободната трговија, создадоа и поповолни услови за производство на субстандардни и лажни лекови. СЗО има развиено дефиниција за неа според која: “фалсификувањето на лековите претставува намерна и со измама погрешно обележување на готовите лекови или состојки кои се користат во нивното производство во смисла на идентитетот, составот и/или потеклото.”

Субстандардни лекови се производи чиј состав и состојки не одговараат на поставената спецификација на квалитетот или не се усогласени со неа и со самото тоа се неефикасни и често опасни за пациентите. Индустријата на фалсификувани лекови годишно заработува повеќе од 200 милијарди долари, што ја прави повеќекратно попрофитабилна од трговијата со наркотици. Се проценува дека дури 10% од лековите на светскиот фармацевтски пазар се лажни, а се поголема е можноста за појавата на лажните и фалсификувани лекови кај нас.

Без ефект и отровен

Последиците од земањето фалсификувани лекови се различни, а можат да бидат дури и фатални – се зависи од тоа дали таквите лекови содржат активни супстанции (состојки кои делуваат врз симптомот на болеста) или некои отровни материи. Ако на нив не се наоѓа доволна количина или доколку нема активни супстанции, секако дека лекот нема да делува. Така, во 2007 година во Америка е продаван лек против дебелина кој не содржел активна супстанција. Медикамент за третман на шизофренија и препарат за намалување на холестеролот, и двата исто така без активна супстанција, биле пронајдени во легален синџир за снабдување во Велика Британија во 2006 – 2007 година.

Од друга страна, ако во лекот има преголема содржина на активна супстанција, постои голема опасност од предозирање и токсични ефекти. Неретко, фалсификуваниот лек може да содржи и отровни материи. Постои податок дека во 1992 година во Бангладеш 233 деца починале поради примена на сируп ,,парацетамол,, подготвен со антифриз!

Антибиотици и аналгетици

Според податоците на меѓународните регулаторни тела во таа област, најголем број фалсификувани лекови има од групата на аналгетици, антибиотици, хормони и стероиди, а во нашиот регион посебно се актуелни фалсификатите на препаратите кои влијаат врз потенцијата, како и хормонските препарати, на што укажува и неодамнешната потврда на фалсификатот на лекот ,,тестостерон депо,,.

Дека некој лек е фалсификат, најлесно можете да се посомневате врз основа на несоодветното пакување, бројот на решение за регистрација и непостоењето на соодветно упатство на мајчин јазик. Доколку се посомневате дека некој лек не одговара на особините на лекот кој порано сте го користеле или не дава очекуван резултат, тоа е доволна причина за да се посомневаме на фалсификат. Според светскиот просек, лажни се дури 50% од лековите кои се купуваат преку Интернет. Исто така, лековите никако не смеат да се набавуваат на пазар или ,,под тезга,, и слично, туку исклучиво во аптеките, кои не смеат да дозволат на нивните полици да се најдат лекови кои немаат соодветно решение од Биро за лекови .

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина