Перутот е невоспалителна варијанта на себороичен дерматитис. Еден е од честите проблеми со кој голем дел од популацијата се среќава барем еднаш во животот, а како хроничен облик е присутен кај 2% до 5% од луѓето. Може да се појави во секое доба од животот и е почест кај мажите. Постојат бројни претпоставки како доаѓа до самото заболување, а некои фактори кои можат да придонесат за неговата појава се: вродена склоност, возраста (почесто во третата и четвртата деценија), премасна кожа, потење, лоша хигиена, пад на имунолошкиот систем, некои хронични болести, габични заболувања на главата, Паркисонова болест, стрес, а можно е да се појави и поради временски неприлики.

 

Површинскиот дел од кожата кој има заштитна улога во нормални услови незабележливо се лупи на секои 28 дена. Заштитна улога има и себумот, материја која се состои од масти и која ја лачат себацеалните жлезди распределени околу фоликулите на влакната во кожата, најмногу на космастиот дел на главата (капилициум), челото, лицето и горниот дел на градите, т.н. себороичен дел. Перутот се манифестира со појава на масни, жолтеникаво-бели лушпи кои спонтано паѓаат од површинаа на главата покриена со коса, па често ги забележуваме на рамењата и на облеката. Можат да се појават на делот на веѓите, челото, зад ушите, надворешниот ушен канал, фрадите, лицето и на грбот, иако тешко може да се оддели поимот перут од самиот себороичен дерматитис.

 

Покрај лушпи, може да се појави и чешање на споменативе делови, па се случува луѓето сами да ги отстрануваат, со што може да се појават красти и некои габични заболувања или бактериски инфекции. Ако се појави и црвенило, тоа е доказ за воспалителна реакција, односно за присутност на себороичен дерматитис.

 

Лекување

 

Иако перутот знае да биде многу упорен проблем, кој со тек на време често се враќа, постојат бројни средства кои овозможуваат добра контрола и кои со  правилна примена даваат одлични резултати. И на ова поле има бројни разлики во пристапот, но повеќето методи се темелат на локална примена на креми за кожи и шампони за коса кои содржат кетоконазол, клотримазол, миконазаол или некои други антигабични препарати, потоа креми со хидрокортизон, шампони за коса кои содржат цинк пиритион, селениум сулфид или деривати на катранот.

 

Важно е да се истакне дека при појава на дополнителни инфекции, во терапијата треба да се вклучат и антибиотици, по претходна препорака од доктор. Со добра и редовна хигиена и правилна употреба на споменативе тераписки средства може значително да се редуцира зачестеноста зачестеноста на оваа многу здодевна и естетски непријатна појава и со самото да се унапреди квалитетот на животот.

 

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина