Хулахоп- забавна замена за пилатес и јога
Доколку сакате брзо и лесно ги зајакнете мускулите во вашето тело, а пилатесот и јогата почнаа полека да ви стануваат здодевни, зошто да не размислите за вртење на хулахоп? Да , тоа е оној ист пластичен обрач со кој бескајно се забавувате додека бевте деца, но истовремено претставува и фантастична справа за вежбање.
Хулахопот е многу ефикасен во обликувањето на половината, колковите и бутовите, зацврстувањето на стомачните мускули и мускулите во долниот дел на грбот, а може да послужи и како кардиоваскуларна вежба.
Зајакнете ги сите мускули во телото – на стомакот, грбот, карлицата и колковите, зајакнете го ‘рбетот, поправете ја рамнотежата, држењето и движењето – сето тоа со едноставниот хулахоп.
И додека на стомачните мускули со децении им се обрнува внимание и се застапени во многу вежби, концептот на истовремена работа на сите мускули на телото е релативно нов за повеќето луѓе. Многу од овие мускули не се видливи, туку лежат скриени зад другите мускули, но имаат голема улога во правилното држење на телото. Овие мускули работат заедно за да ни овозможат стабилност и убави движења при одењето. Доколку правите стомачни вежби ќе ги зацврснете и обликувате мускулите на абдоменот, но многу од останатите мускули во телото ќе останат заборавени. Од друга страна, кружните движења на хулахопот имаат влијание врз сите мускули, вклучувајќи ги и оние во абдоменот, грбот, карлицата, колковите и струкот.
Основите на хулахопот
Наједноставен хулахоп обрач можете за малку пари да купите во било која продавница за играчки. Сепак, иако сте почетник, можеби е мудро веднаш да инвестирате во специјализиран обрач за вежбање и така да си заштедите време и непотребни фрустрации . Проблемот со хулахопите кои се достапни насекаде е тоа што повеќето од нив се наменети за деца и се димензионирани за нив. Вистинската мерка на хулахопот ќе ја добиете ако го потпрете до телото – тој треба да дојде до под папокот. Обрачите со поголем дијаметар од овој ќе се вртат побавно и заради тоа ќе биде полесно да ги одржите во движење. За почетниците подобар е поголем хулахоп, а откако ќе ги усовршите техниките, обрачот со помал дијаметар ќе ви обезбеди подобро вежбање бидејќи ќе треба да се движите побрзо за да го одржите во воздух.
Кога ќе го набавите обрачот по мерка , потсетете се на детството. Ставете го околу струкот, држете го со двете раце, стапалата раширете ги малку повеќе од ширината на колковите, но држете ја едната нога пред другата. Обрачот придвижете го така да го допира едниот колк, завртете го и почнете да се движите. Префрлајте ја тежината од една нога на друга, лулкајќи ги колковите напред- назад. Движењата треба да бидат усогласени така што со колковите нежно да го допирате обрачот, на тој начин одржувајќи го во движење.
Почетниците често се трудат да се движат кружно, заедно со обрачот, што е многу потешко. Многу ќе ви оди полесно доколку се движите напред-назад со едно благо движење со кое го “ туркате” хулахопот. Можеби звучи комплицирано, но не е –пробајте.
Вежбање со потежок хулахоп
Хулахоп обрачите за вежбање се се попопуларни и се подостапни. Можете да ги купите во сите подобро снабдени спортски продавници или да ги порачате онлајн. Потешките хулахопи се продаваат во различни големини, тежини и бои. Кога го користите овој обрач, мора да обрнете внимание на времетраењето на вежбите, бидејќи тие се толку ефикасни што нема ни да забележите дека сте претерале. За почеток, морате полека да го зајакнувате телото, со вежбање од само неколку минути дневно.
Хулахоп танц (Hoop Dancing)
Во последно време, хулахопот е се попопуларен. Звездите како Бијонсе и Шакира ги промовираа неговите предности потврдувајќи ја ефикасноста со својата извонредна фигура. Да танцувате со хулахоп можете и дома, едноставно пуштете музика и фатете го ритамот. Не заборавајте пред танцот да се загреете и да се истегнете на крајот, посебно доколку сакате на овој начин сериозно да вежбате.



